Што содржат прислушуваните материјали за „Ровер“?

Од:

Одбраната во предметот „Ровер“, во кој е обвинети и поранешниот министер за внатрешни, Љубе Бошкоски, тврди дека постојат 18 транскрипти, или еден час разговори, кои фрлаат сомнеж врз случајот и кои го нарушуваат легитимитетот на судскиот совет. Денеска по трет пат требаше да почне судењето за овој предмет, откако во јуни Апелација по втор пат ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење во Кривичниот суд. На обвинетите повторно ќе им суди истиот судски Совет.

Константин Кратовалиев, адвокат на Бошкоски, му се обрати на судот и побара прекин на постапката поради новите докази поврзани со прислушуваните разговори.

-Имам морална и професионална обврска да го известам судот дека имаме веродостојни информации кои што се доставени до специјалното јавно обвинителство. Овие материјали од прислушуваните разговори имаат врска со процесот „Ровер“. Станува збор за 18 транскрипти, со повеќе од еден час разговори во кои се вклучени лица учесници во овој процес, а кои го доведуваат под прашање легитимитот на целата постапка. Во овие разговори се содржани елементи на подготвување на процесот, се до донесување на одлуката – рече тој.

Дополнитено посочи на фактот што обвинетите во процесот, кои летово беа пуштени на слобода по три години притвор, сега се појавиле на рочиштето што докажува дека мерката притвор им била неосновано изречена.

-Имајќи го предвид начелото на правичност, предлагам и барам овој суд да донесе одлука за прекин на постапката. Со оглед дека материјалите се доставени до специјалното јавно обвинителство, барам судот да преземе дејства за да не дојде до состојба во која би се воделе два паралелни предмети за ист случај – рече тој.

Според него „Ровер“ е меѓу првите предмети што ќе ги разгледува специјалното јавно обвинителство.

Пред обраќањето на Кратовалиев, Бошкоски веќе ја напушти салата затоа што рече дека нема да дозволи „прогонителот повторно да му суди.“ Тој побара збор на самиот почеток од рочиштето и рече дека има голем проблем кој мора да биде изложен.

-Имам само една работа да кажам. Располагам со основни сомневања не само за случајот „Кампања“, кој и е предаден на госпоѓата Катица Јанева, а кој треба да докаже злоупотреби на полицијата и на судијата, имам основни сомневања и за овој предмет. Сомнежите се дека Илија Трпков бил директно инволвиран во постапката. Предметот ќе и биде предаден на Јанева и таа треба да покрене обвинение против Илија Трпков и неговата организација која учествувала во монтиран процес. Трпковски е извршител на налог. Ја напуштам оваа судница затоа што не може мене прогонителот да ми суди, не може да ми суди веќе осомничен човек – надвикуваше Бошковски додека судијата му велеше да се смири и да седне на своето место.

Бошкоски сепак ја напушти салата. Во исто време од салата излезе и обвинетиот Зоран Трајков кој по три години во притвор летово конечно беше пуштен на слобода откако Апелација ги укина мерките притвор на обвинетите.

-Сакам да ме притворите и да се вратам во затвор. Не можам повеќе да го гледам семејството кое ми го уништивте. Во ходник сум, никаде не бегам, сакам да ме затворите – му рече тој на судијата.

На тврдењето дека специјалната обвинителка поседува докази против него, судијата Трпковски им рече на одбраната и на обвинетите доколку имаат нови докази слободно да ги предадат на судот или на надлежните органи. Доколку се сомневаат во неговата работа и во работата на судскиот совет, Трпковски им предложи да побараа изземање.

-Поднесете барање за изземање за да може постапката да се води, можете да побарате друг судски совет кој може подобр ќе одлучува по овој предмет – рече судијата.

На тоа адвокатот Кочо рече дека одбраната нема да побара изземање.

Обвинителката не беше присутна на рочиштето, а судијата Трпковски не знаеше дали таа се уште го застапува предметот.

-Не знам ни јас кој е застапник. Обратете се во Јавното обвинителство, јас не знам. Подносител по овој предмет е Лидија Раичевиќ Вучкова, а кој ќе го застапува во понатамошниот дел од постапката, судот нема информација – рече тој.

Судијата рече дека обвинителот не присуствува затоа што „нема достава“, а како аргумент го нафрли тоа што Јавното обвинителство ја сменило локацијата. Одбраната бараше да дознае кога судот издал решение да биде испратена покана до Јавното обвинителство, кога службите ја однеле поканата, кога таа покана стигнала со потпис.

-Дојдов од Охрид да присуствувам на судењето, а поканата ја добив пред седум дена. Какви доставувачи се тие, што не можат во од Скопје во Скопје да достават покана – рече адвокатот Драга Гоџо.

Поради тоа што не беа задоволени законските услови за почеток, судењето беше одложено и презакажано за 2-ри декември. Пред Кривичниот суд група поддржувачи на Бошковски вееја знамиња со амблемите на партијата „Обединети за Македонија“.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Хрватска го отфрли обвинението против Љубе Бошкоски за „Раштански Лозја“: Заврши мојот политички прогон од две децении

Маја Илиевска-Пачемска

Пресуда за Љубе Бошкоски: Не е виновен за „Ровер“

Васко Маглешов

Вработени во МВР кои прибирале докази за Бошкоски, не знаат кој дал наредба за неговото апсење

Ана Ололовска

Правобранителот не постапил за апсењето на Бошкоски поради судската одлука дека не била употребена прекумерна сила

Ана Ололовска

Чавков: Не се сеќавам дали знаев за апсењето на Љубе

Ана Ололовска

Љубе беше депресивен и разочаран, сведочеше затворскиот психијатар

Ана Ололовска