Претставниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Комисијата ставија потпис на седум заклучоци, меѓу кои и дека на новинарите им биле прекршени загарантираните права за слобода на јавно информирање, но и дека ескалацијата на настаните и ангажманот и интервенцијата на полицијата која ги доведе во прашање уставните одредби за поделба на власта, ги оневозможи пратениците во остварување на нивната функција (да ги претставуваат граѓаните и да одлучуваат по свое уверување).
Следува интегрален текст од заклучоците:
ПРАВНИ КВАЛИФИКАЦИИ
Различните толкувања на применетата легислатива, почетокот на новата фискална година заедно со чекорите кои не беа во согласност со актите кои ја регулираат работата на Собранието во постапката за усвојување на Буџетот, предизвикаа ескалација на настани.
Отсуството на ефективен капацитет за надминување на спорови, исто така може да се смета како фактор што предизвикува конфликт во работата на парламентот.
Под овие околности, координацијата очигледно не функционира онака како што е предвидена и уредено да работи согласно Деловникот и Законот за Собранието.
Соодветни процедури во случај на “филибастеринг” се речиси непостоечки.
Отсуството од соодветни насоки за справување со ваков тип на ситуации, вклучително и отсуството на стратегија за справување со медиумите во кризни ситуации резултираше со отстранувањето на новинарите од собраниската галерија, што ги прекрши загарантираните права за слобода на јавно информирање и јавност на работата на СРМ. Собранието со посебно внимание и отвореност треба да се однесува кон слободата за извесување на медиумите и да ги применува принципите од најдобрата европска практика во овој сегмент.
Ескалацијата на настаните и ангажманот и интервенцијата на полицијата која ги доведе во прашање уставните одредби за поделба на власта, ги оневозможи пратениците во остварување на нивната функција (да ги претставуваат граѓаните и да одлучуваат по свое уверување).
Имајќи го ова во предвид Комисијата уште еднаш укажува на потребата од почитување на правните акти, како суштинска компонтента на владеењето на правото кое претставува темелна вредност во уставниот систем на Република Македонија. Од големо значење е хармонизирање и прецизирање на правните правила кои се однесуваат на работата на СРМ а се содржани во Деловникот и Законот за СРМ, заради што Комисијата препорачува и одредени измени и дополнувања кои се однесуваат на работата на СРМ и ги предлага следните препораки:
ПРЕПОРАКИ
I
УСОГЛАСУВАЊЕ НА ОДРЕДБИТЕ ПОМЕЃУ ЗАКОНОТ ЗА СОБРАНИЕТО И ДЕЛОВНИКОТ ЗА РАБОТА НА СОБРАНИЕТО
Комисијата констатира дека двојното уредување на постапките и процедурите во одредбите од Законот за Собрание и Деловникот за работа на Собранието често се во контрадикторност едни со други, што предизвикува различно толкување на надлежностите предвидени во едниот и во другиот акт. Со цел започнување на сеопфатни реформи на парламентарните процедури на вистинска плурална основа, подобрување на авторитетот, независноста и легитимитетот на Собранието и спречување вакви инциденти да се повторат, Комисијата препорачува:
Деловникот за работа на СРМ треба да ги инкорпорира сите аспекти кои се однесуваат на работата на СРМ.
Собранието на РМ да пристапи кон усогласување на одредбите од Законот за Собранието и Деловникот за работа на Собранието.
Да се усогласат одредбите за одржувањето на редот во Собранието, помеѓу Законот за Собранието и Деловникот за работа на Собранието со цел тоа прашање да се регулира со еден пропис.
II
ПРОЦЕДУРАЛНИ ПРЕДИЗВИЦИ
Суштината на координациите е да се координираат ПГ, заради ефикасност на работата на СРМ. Препорачуваме во Деловникот да се предвидат одредби со кои ќе се уреди начинот на работа на координацијата (односно одредбите од Законот за Собранието да се инкорпорираат во Деловникот) со одредени измени и дополнувања, кои би значеле ставање акцент кон усогласување и суштината на координацијата – усогласување на ставовите помеѓу пратеничките групи.
Координацијата треба да прерасне во советодавно тело на Претседателот на Собранието на РМ, кое обезбедува усогласување по клучните документи на Собранието. Комисијата предлага координацијата да одлучува по прашањето на второстепено одлучување по прашањата дефинирани со Етичкиот кодекс.
Координативното тело да има принцип на работа – усогласување на ставови. А доколку не може, улога да има ПСРМ да се обиде најмалку два пати да ги усогласи ставовите на ПГ. Во случај на отсуство на поголема ПГ од работа на координација, ПСРМ да одложува седница на координација.
Во случај на континуирано (повеќе пати) отсуство на поголема ПГ од работата на координацијата, тогаш ПСРМ треба неколку пати (два-три) да се обиде да воспостави усогласување.
Согласно досегашната практика ЗПК, но не во спротивно на Деловникот, ги разгледува амандманите кои поминале во расправа пред матично тело. Ова и формално правно да се регулира (да биде прецизирано во Деловник) ЗПК да одлучува по изјаснување од страна на надлежните работни тела.
Комисијата предлага да се изврши итна ревизија во Деловникот во делот на скратувањето на постапките за носење на одредени закони. (Во техички адендум: расправата по оваа точка ќе се однесува на ревизијата на одредбите од Деловникот усвоен на 12.2.2013 г., за должината на постапката).
III
ПРОЦЕДУРА ЗА НОСЕЊЕ НА БУЏЕТ
Со намера да се потенцира ефикасноста на постапката за донесувањето на Буџетот, заради значењето на истиот од една страна, и правото на пратениците да учествуваат во расправа, од друга страна, препорачуваме да се ревидираат одредбите од Деловникот кои се однесуваат на постапката за донесување на Буџетот. Оттука Комисијата ги предлага следните препораки:
Да се предвиди ефикасна постапка за увојување на Буџетот, со точно прецизирани и утврдени рокови.
Предлог буџетот треба да биде поднесен до Собранието благовремено, за да може Собранието соодветно да го разгледа. Во ниту еден случај ова не смее да биде подоцна од три месеци пред почетокот на фискалната година. Буџетот треба да се усвои од страна на Собранието пред почетокот на фискалната година.
Предизборниот извештај, служи за транспарентност на општата состојба на финансиите на Владата непосредно пред избори. Истиот, служи за информирање на гласачите и за поттикнување на јавна дебата. Овој извештај треба да биде објавен најдоцна, две недели пред почетокот на изборите. Истиот ги содржи информациите содржани во полугодишниот финансиски извештај. Посебно внимание треба да се посвети на обезбедување на целосност на таквиот извештај.
Да се преиспита потребата ЗПК да расправа за Буџет.
IV
РАКОВОДЕЊЕ СО ПЛЕНУМ И РАБОТНИ ТЕЛА НА СРМ
Досегашната практика на работата и раководењето со пленум и со работните тела на Собранието укажува на потребата оваа материја посебно да се уреди со Деловникот. За таа цел Комисијата предлага:
Во Деловникот, се предлага општ став, сите деловнички одредби кои се однесуваат на работата на пленумот, за прашања кои не се регулирани со посебни одредби за работа на комисиите, соодветно да се применат одредбите од деловникот кои важат за пленум.
Во Деловникот, да се предвидат посебни одредби за работа на работните тела на Собранието соодветни на одредбите кои се однесуваат на работата на пленумот.
Во Деловникот, да се предвидат ефикасни механизми за брзо утврдување и толкување на усогласеност на работата на претседавачот на пленумот, односно на работното тело со Деловникот. Ова да се применува во исклучителни ситуации, да не стане општо правило.
Во Деловникот да се уреди прашањето за одговорноста на ПСРМ и претседателите на работните тела доколку не работат согласно Деловникот.
Со измените на Деловникот СРМ да утврди механизми со кои би се спречило блокирање на работа на пленумот и работни тела од страна на нивните претседатели, како и од страна на стручните служби на Собранието на Р.М..
V
СОБРАНИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ
Согледувајќи дека во случајот со судовите во Р.М. веќе е формирана посебна служба за обезбедување и согледувајќи дека во Законот за Собрание консензуално се утврдени одредбите за посебно обезбедување, Комисијата му препорачува на Собранието:
Да се издвои собраниското обезбедување од Министерството за внатрешни работи и да се подведе непосредно под контрола на Собранието и под директен надзор на Собранието како засебна Служба за обезбедување на Собранието (доследно да се примени – операционализира Законот за Собранието).
Во случај на вонредни и непредвидени ситуации посебно да се нормира.
VI
НОВИНАРИ
Јавноста во работата на Собранието е една од неговите најважни карактеристики. Заради подобрување на врската помеѓу граѓаните и од нив избраните претставници, како и заради уставно загарантираните права на слобода на медиумите Комисијата:
Препорачува развивање на дијалог помеѓу новинари и координацијата на пратеничките групи. Дијалогот треба да биде консензуален на тема: слобода на извршување на новинарската дејност во и гаранција за остварување на истата, во рамките на Собранието.
Комисијата препорачува дека ПСРМ, потпретседателите, координаторите на ПГ, претседателите на работните тела и сите пратеници во иднина треба со посебно внимание да се однесуваат кон слободата на известување на новинарите.
VII
ЕТИЧКИ КОДЕКС
По донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 г., се до настаните од 24.12.2012 г. Собранието на Република Македонија со ниеден внатрешен акт го нема регулирано однесувањето на пратениците, како во органите и телата на Собранието така и во меѓусебната комуникација, комуникацијата со претставниците на извршната и на судската власт, со граѓаните и сл. Затоа, Комисијата му предлага на Собранието на Република Македонија да изготви и усвои Етички кодекс.
Оваа препорака се однесува на:
Етички кодекс за пратеници, и
Етички кодекс за Службата во Собранието на РМ.
Комисијата предлага во Етичкиот кодекс да биде нагласено:
Целта на Етичкиот кодекс, во суштина, е јакнење на интегритетот на пратеникот;
Етичкиот кодекс да содржи норми за однесување на пратениците во Собранието и надвор од Собранието од аспект на злоупотреба на положбата на пратеник;
Заради применливоста на Етичкиот кодекс, Комисијата препорачува во Деловникот да се предвиди посебен дел, кој ќе се однесува на изрекување мерки (санкции) и начин на изрекување на мерки во случај на (повреди) непочитување на одредбите од Деловникот;
VIII
ИЗМЕНА И ДОПОЛНУВАЊЕ НА КРИВИЧЕН ЗАКОНИК
Со оглед на посебните одговорности и угледот на вршителите на јавни функции, избрани и именувани лица, Комисијата препорачува:
СРМ да отвори дебата за измени на КЗ во насока на предвидување на квалификаторни елементи доколку како извршител се јавува лице кое што е вршител на јавна функција, избрано и именувано лице.
IX
ЈАКНЕЊЕ НА АНКЕТНИТЕ КОМИСИИ И НАДЗОР
Комисијата препорачува во Деловникот за работа на Собранието, заради јакнење на капацитетот на анкетните комисии и надзорната функција на Собранието да се прецизираат одредби за основање, начин на работа, ангажирање на надворешни експерти и сл., и ги предлага следните препораки:
Предлагањето на дополнителни одредби (да се вклучат во Деловникот) на основа на чл. 76 од Уставот, а кои се однесуваат на формирањето на анкетни комисии со цел зајакнување на собраниските капацитети да покрене истрага секогаш кога за тоа има потреба. (Истражни комисии, интегрирани во Законот за Собрание, како и специфични регулативи за повикување на сведоци како дел од парламентарниот надзор ќе бидат определени во иднина.)
Во Деловникот за работа на Собранието да се воведе нова глава во која посебно и целосно ќе биде регулирана работата на анкетните комисии а со цел зајакнување на нивната улога.
X
СОБРАНИСКИ КАЛЕНДАР
Комисијата препорачува Собранието да утврди и донесе прецизен Собраниски календар за работа. Особено во него треба да биде:
Да се утврди точниот список на неработни денови.
Исклучоци од утврдениот календар, утврдува ПСРМ во консултација со координативното тело.
Комисијата препорачува кога има закажана пленарна седница на Собранието не би требало да се закажуваат седници на работни тела.
XI
НЕУТРАЛНА ЗОНА ОКОЛУ ПАРЛАМЕНТОТ
Заради остварувањето на непреченото работење на Собранието и на работните тела на истото, а во исто време и да се испочитува уставно загарантираното право на граѓаните на јавно собирање и изразување на своето мислење, Комисијата препорачува во деновите и термините кога заседава Собранието, со Закон:
Да се воспостави неутрална зона околу Собранието заради: засилување на интегритетот и независноста на Собранието, интегритетот и слободата на пратеникот.
Во неутралните зони, да не се дозволени манифестации (зона каде не смее да има притисок врз пратениците односно да се овозможи во секое време слободен пристап на пратениците до објектот на Собранието. Постојната зона која оперативно ја утврдува МВР технички е во ред, но истата мора биде уредена со Закон).
Исто така, да се предвиди норма во случај на непочитување на оваа неутрална зона.