Ерол Ризаов
Промената на залегнатата власт на државните јасли секогаш е здрава работа
Бауч кружи над Македонија што ќе биде со сите нас ако падне Груевски и неговата Влада. Леле, мајко! Непријателите и предавниците ќе ја земат власта. Албанец ќе стане премиер или претседател на државата. А, може ќе ги земат и двете места. Веќе се знае и кој Албанец ќе биде генерален директор на МРТВ. Има уште пострашни работи: странските платеници и шпиони ќе го продадат името на државата. Тоа велепредавство е веќе договорено. Ќе го изгубиме националниот идентитет, а јазикот ќе ни го направат салата со непознато варварско словенско потекло. Ќе има масовни отпуштања на државната администрација. Веднаш ќе престанат сите странски инвестиции и вработувања. Ќе се укинат земјоделските субвенции, ќе се намалат пензиите, ќе поскапат лековите. Компаниите, и државни и приватни, ќе банкротираат преку ноќ. Ќе падне берзата.. насекаде хаос, безредија, меѓуетнички судири, граѓанска војна… Ќе биде потоп ако, не дај Боже, му го видиме грбот на Груевски и неговата дружина.
Еве ова ни го сервираат владините контролирани медиуми, агресивно и крајно арогантно напаѓајќи ги сите сетила на граѓаните 24 часа во едно деноноќие. Целта е да ги плашат луѓето да не се поколебаат, со она што го слушаат и гледаат што правела власта во овие изминати девет години зад грбот на народот откако ги окупираа фундаменталните институции на државата: Парламентот, Уставниот суд и целиот правен, политички, економски и судски систем, и ги претворија во сервис на партијата и за богатење на група луѓе кои управуваат без контрола со земјата.
Одговорот од насловот на текстот што ќе биде ако падне Груевски е сосема едноставен и сме го виделе и доживеале повеќе пати. Паѓале многу премиери и влади, па ништо ни толку арно не се случило, ама ни толку лошо како ова што го доживуваме во цела една ера на груевизмот. Се разбира, ако падне Груевски и неговата влада ниту ќе биде крај на светот, ниту ќе се случи нешто толку драматично и апокалиптично. Секоја промена на власта кој долго залегнала на државните јасли е здраво дури и за најдемократските европски општества. Секогаш по падот на долготрајните влади и премиери излегуваат на виделина големи корупциски скандали и афери. Не било се’ така добро како што изгледало. А, таму каде што е инсталиран режим, како во Македонија, доаѓањето на слободата е голем празник на демократијата. Тоа е голема радост за сите граѓани без оглед на нивната политичка, национална и верска определба. Тоа единствената надеж дека државата пак ќе тргне во вистинска насока. Тоа е валидна гаранција дека граѓаните во иднина ќе можат да ја препознаат секоја загрозеност на демократијата, човековите права и слободи, на судството и на медиумите што е кислород за развој на едно современо општество.
Ако демократијата и слободата се всадат длабоко во свеста на луѓето тешко дека уште еднаш ќе може толку лесно да и’ се повтори на Македонија тоа што се случуваше сиве овие изминати години на владеење на Груевски и неговите приврзаници.
Не ќе може повеќе да се тепаат пратеници во Парламентот од партиска тајна полиција и да се избркаат народните избраници насилно од дебатната сала како што тоа беше на „црн понеделник“ на 24 декември 2012 година. По промените не ќе може да се воведе воена цензура во медиумите и да се бркаат новинарите од нивните работни места во парламентот, или во која било друга институција. Не ќе може да се претепуваат студенти кои мирно протестираат на плоштадот против дехуманизација на просторот кој припаѓа на сите со изградбата на кич монструмот „Скопје 2014“, со парите на најсиромашниот народ во Европа. Не смее да се заборави и да се повтори тоа што им се случи на студентите по архитектура кои први го кренаа гласот против ова зло. Не ќе може повеќе да се претепа на смрт младо момче на прагот на животот како Мартин Нешоски, кое дошло на плоштадот да ја слави победата на својата партија. Трагичната судбина на Мартин мора да биде вечна опомена дека е убиен млад човек за ништо и тоа од полицаец, кој бил во обезбедувањето на премиерот Груевски кој бил оддалечен само 50 метри од местото на злосторството.
Не ќе може повеќе политичките противници и новинари кои пишуваат критички да се апсат и судат на долгогодишни казни затвор и драконски парични казни затоа што нешто кажале, или напишале од јавен интерес. Не ќе може илјадници луѓе да бидат проскрибирани и да не можат да го кажат своето мислење, дури ни на телевизијата која ја плаќаат како свој јавен сервис. Не ќе може цели девет години во македонскиот парламент да не биде усвоен ниту еден суштински амандман на опозицијата, да не зборуваме за предлог-закон. Никогаш повеќе не смее да има нерегуларни избори и да се фалсификува волјата на избирачите. Партиските црни пропаганди, корумпирани медиуми и новинари, нарачани суски пресуди и именувања на партиски судии мораат да останат забележани како лошо минато кое треба постојано да не опоменува колку е значајна слободата и демократијата. Враќањето на правата на граѓаните, на владеењето на правото и на демократијата, слобода на зборот и мислата, победа на стравот, е нов почеток и исклучително значајна и здрава работа за сите граѓани. Тогаш доаѓаат новите генерации, кои ќе ги препознаваат брзо сите лажни успеси, подметнувања, ќе ги инсталираат демократските и институционални контролни механизми, ќе ја активираат сржта на парламентаризмот за поделбата на власта и за одговорноста на опозицијата. Тие нови генерации решително ќе се пресметаат со провинцијализмот и примитивизмот. Тоа се основните предуслови кои треба да ги ветат цврсто новите струи во македонското општество во сите политички партии и интелектуални средини. Само со враќање на демократијата се можни и структурни економски реформи и изгледи Македонија повторно да зачекори по европскиот пат и да ја отстрани опасно за своето постоење.
Се разбира, смената на власта и падот на режимот на Груевски не мора да биде автоматски победа на опозицијата. Ако во самата партија ВМРО-ДПМНЕ има сили да се побара одговорност поради тоа што партијата е изложена на столбот на срамот поради масовно кршење на човековите права, ставање под надзор на илјадници граѓани и јавни личности нивно следење и прислушување, а таквото долгогодишно нарушување на безбедноста на земјата со ништо не е спречено или казнето, тогаш, одговорноста на највисокото раководство во државата е неминовна. Само по овој основ што за масовно прислушување ништо не знаеле ни премиерот, ни претседателот на државата, ни министерот за внатрешни работи повлекува експресни оставки од морална природа. Кога не знаеш дека државата со години ти е отворен бит-пазар на домашни, или странски агентури, срамно е да се остане на власт и да се покриваат грешките и злоупотребите со пропаганди за оцрнување на сите кои препознаваат одговорност на највисоките функционери. Сосема друго прашање е за кривичната и политичка одговорност ако снимените материјали се автентични и точни. Досега никој не негираше дека повеќе од четири години се прислушувани илјадници граѓани, а наводно власта ништо не знаела за таква тортура на своите граѓани. Само овој факт е доволен за пад на целиот државен врв. Дури потоа може да се очекува фер и праведно судење од кое Македонија ќе излезе просветлена и вистински лустрирана.
Што се однесува за застрашувањето со тоа дека ако падне Груевски ќе дојде премиер Албанец, ако тоа некогаш се случи на слободни избори, како волја и доверба на мнозинството граѓани, тоа ќе биде најдобрата потврда дека Македонија целосно успеала. Тоа секако овие генерации нема да го доживеат. Преголем е пустошот што го остави политиката во свеста на сите граѓани во Македонија. За утеха оваа болка во разни форми ја има цела Европа.
Колумната е напишана за Утрински Весник