Праксата на интегрирање на фактите и на мислењето нѐ враќа во времето на медиумското едноумие – коментарите треба прецизно да се рубрицираат, а не тезите и нивните автори да се кријат зад наводите и исказите на изворите.
Пишува Биљана Илиќ
Фотографија: Guudmorning!
Раздвојувањето на фактите од мислењето е еден од најважните професионални и етички стандарди на модерниот журнализам, кој во Македонија беше усвоен во 1996 година, со појавата на првиoт независен дневен весник „Дневник“. Секако, коментари, осврти, колумни и написи со слична жанровска определеност (која некаде се нарекува и „аналитичка“) во македонскиот печат, на телевизиите и на радијата се објавуваа и пред појавата на „Дневник“, но прв пат во овој весник беше спроведена строга забрана вестите, извештаите и другите написи од т.н. информативни жанрови да се „китат“ со коментари, како што тоа беше обичај во изданијата на НИП „Нова Македонија“. За прв пат редакциските коментари се објавуваа само на едно место, придружени со главата на весникот, како очигледен и уверлив графички знак кој го упатува читателот дека станува збор за мислења на редакцијата.
Потребата од такво „физичко“ издвојување на коментарите и колумните (мислењето) од фактите се наметна поради сознанието дека читателите, гледачите и слушателите во принцип им веруваат на медиумите (иако таа доверба од година в година опаѓа) и дека често не го поставуваат прашањето „кој кажува“. Дури и денес, во услови на медиумски бум и експлозивен развој на медиумите на интернет, многу читатели лесно ги прифаќаат „вистините“ што се пласираат во медиумите, без да се оптоваруваат со прашањето кој ги соопштува и зошто. Така, ако прашате некој гледач од кого ја дознал веста што ја интерпретира, најчестите одговори што ќе ги добиете се следниве: „Кажаа на телевизија“; „прочитав во весник“, „видов на интернет“… Мешањето на фактите и мислењето отвора можности за крупни и сериозни манипулации.
Можеби и тоа е причината поради која во последно време сѐ почесто ја среќаваме праксата на интегрирање на коментаторските елементи во написите од т.н. информативни жанрови. Текстот на агенцијата Нетпрес со наслов „ММФ ги ’провали’ лагите на СДСМ за банкрот на Македонија“ [рецензија] не е ниту рубрициран како коментар, ниту содржи било какви графички или други ознаки (личен потпис на авторот, на пример), од кои може да се заклучи дека има аналитички и коментаторски претензии. Написот се повикува на два извора (шефицата на мисијата на ММФ во Македонија и министерот за финансии), но авторот се потрудил позитивните оценки на мисијата на ММФ за макроекономските перформанси да ги прикаже како доказ дека оценките на опозицијата со ова биле „побиени“ и дека:
„Ова покажува дека блокадата на буџетот, нередите и непријатните сцени во Собранието од 24-ти декември лани, со месеци блокирањето на улици и малтретирање на граѓаните беа сосема непотребни и само параван за обидите на СДСМ преку заплашувања со банкрот на земјата да дојдат до политички поени“.
Очигледна е намерата тезите на авторот – кои се неспорно легитимни – да се интегрираат во извештајниот дел на написот, кој, пак, се потпира на официјални и релевантни извори.
Тоа нѐ доведува до оправданата претпоставка дека интегрирањето на мислењето на авторот со фактите и наводите кои се пласираат и се поткрепуваат со извори е смислена техника да се засили веродостојноста и уверливоста на спиновите и коментарите што се пласираат. Оттаму и потпишувањето на коментарот, што некогаш се сметаше за стандард, станува не само излишно, туку и „опасно“ за веродостојноста на коментарот – читателот повеќе им верува на изворите и на порталот како целина, отколку на некој релативно анонимен автор, чија експертиза не му е позната.
Сепак, агресивноста со која се коментира и со која дури и во насловите и во лидовите бескомпромисно се наметнуваат коментаторските елементи како своевидно „упатство за читање“ на текстот, ја открива намерата на авторите. Карактеристични примери се текстовите со кои во последно време се водеше црна кампања против новиот градоначалник на скопската општина Центар, Андреј Жерновски. Написот на Курир со наслов „Жерновски наместо со проекти, мандатот го започна со деструкции и блокади“ [рецензија], на старовремски начин, е воведен наслов и со лид кој на читателот не му остава простор самиот да размислува и да заклучува:
„Наместо со проекти, програма и идеи кои ќе бидат во функција на подобрување на животот на жителите на општината, Жерновски се зафати со одмазда, најави за рушење, смена на вработените и деструкции“.
Многу често коментарите се придружени и со очигледни елементи на дискредитирање на личности, при што се пласираат и директни навреди. Во нерубрицираниот и непотпишан коментар за Жерновски, на пример, се вели дека тој „очигледно сака да биде мал Бранко Црвенковски“. Во еден друг коментар [рецензија], во кој истиот портал ги открива „партиските вработувања“ во Центар, се дискредитираат неколку лица со тврдењето дека:
„Жерновски започна да им дава баснословни хонорари на луѓето кои манипулираа за него за време на кампањата и му ги вршеа валканите работи“.
Не би сакале да се стекне впечаток дека манирот на „скриено“ коментирање, односно праксата на интегрирање на фактите е мислењето, која доминира во провладините медиуми, е присутна само таму. Напротив, станува збор за пракса која е присутна насекаде и според нашето мислење, води потекло од лошата пракса на телевизиите, најавите со кои се придружуваат телевизиските прилози да имаат нагласена коментаторска боја. Таков пример е кусиот напис на сајтот Локално, со наслов „Орав бил тука, барал спроведување на договорот од 1 март“ [рецензија], во кој авторот пројавува сериозна потреба да ги искоментира активностите, односно индолентноста на евроамбасадорот Аиво Орав. И тоа, секако, не би било спорно, доколку сајтот посветел коментар на оваа тема. Наместо тоа, во текст во кој се пласира една прилично банална изјава на евроамбасадорот, авторот спинува дека тој бил отсутен од политичкиот живот и на таа тема пласира неколку цинични забелешки.
Овој кус напис не потсети и на еден друг, веќе подзаборавен манир на телевизиското новинарство – употребата на глаголската „л“ форма за коментирање. Предикатните форми „бил тука“ и „барал спроведување“ се смислени за да создадат извесна цинична дистанца и неверица во она што се случило (како да не, бил тука!). Оваа техника е исто толку опасна колку што е и директното извртување на вистината, како во текстот за уставните судии и за регистарот на педофили [рецензија], што го објави порталот Република, во кој се пласира навредлив и дискредитирачки спин дека уставните судии „штитат педофили“, а потоа и поименично се наведуваат.
Заклучна препорака што може да произлезе од оваа анализа е потребата медиумите, а особено тие од т.н. заедница на нови медиуми, да се потрудат да го направат истиот исчекор што го направи „Дневник“ во средината на деведесеттите години од минатиот век – коментарите треба прецизно да се рубрицираат, на начин од кој на читателот ќе му биде јасно дека станува збор за авторски коментари (пожелно е тие да се потпишат), зад кои стои редакцијата. Пожелно е да се објавуваат и нецензурирани мислења на надворешни фактори (популарните колумни), но и тие треба да бидат рубрицирани, а редакцијата, доколку има потреба, со општи услови (дисклејмер) да го дефинира својот однос кон ваквите форми. „Утрински весник“, на пример, објавува можеби непотребно долга напомена (дисклејмер), во кој се напоменува:
„Не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера“.
Праксата на интегрирање на фактите и на мислењето нѐ враќа во времето на медиумското едноумие.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).