ШОКАТНО: Политичка неписменост насекаде!

Од:

Денеска во Македонија имавме уште еден од оние навидум политички интересни денови. „Истражувачките“ новинари откриле од тајни извори дека СДСМ ќе ја напушти коалицијата „Граѓаните за Македонија“. Се разбира, веднаш се крена паника, како може најголемата опозициона партија да ја напушти коалицијата што беше формирана на нивна иницијатива? „Ете, се гледа, за ништо не ги бива и тоа го зезнаа“. Во ред, фала ви, експертски аналитичари, навистина ме просветливте. Но, не сакам да зборувам само за оваа одлука. Сакам да зборуваме за поголемата слика и тоа што највеќе ме извади од такт денеска. Навистина, не можам преку зборови да ви ја доловам нервозата која ја чувствувам за нешто навидум толку банално. Да почнеме.

Утрово, кога ја видов веста, се молев да е точна. Да, добро ме прочитавте. Се молев да е точна. Зошто? Бидејќи е една од најпаметните одлуки што ги донесе СДСМ летово, во пресрет на нивното враќање во собранието. Тоа не е проблемот, проблемот е во фактот дека повеќе од половина на експертската јавност не сфати за што станува збор и веднаш го оцени како лош и очајнички потег. Потег, кој значел дека СДСМ се скарала со невладините и граѓанските организации. Ма немој, те молам! Од една информација што некој про-оп. новинар ја добил и погрешно ја протолкувал, успеавте да го извлечете сето тоа? Браво, се гледа зошто се нарекувате експерти. Се гледа и зошто не почитувам скоро ниту еден експерт во Македонија.

Да не се разбереме погрешно, не се замислувам себеси дека сум експерт и никаде нема да ме слушнете јавно да го кажам тоа – не сум. Но, имам ум и сакам да го користам. Едноставно ме плаши и ме иритира фактот дека скоро никој друг во државава не сака да го употреби.

Но, не е само ова проблемот. Далеку е подлабок и покоренит. Не знам дали имате приметено дека од ден во ден стануваме се повеќе како „шоуто“ на сестрите Кардашијан. Се натпреваруваме кој ќе каже поголема глупост на медиумите или пак на социјалните мрежи, за потоа кога некој ќе ни врати дека не сме во право, веднаш да започнеме со контранапад. Како тоа смеел некој да не’ нападне нас. Нема веќе трпение да се ислушаме меѓусебно и да се обидеме да постигнеме компромисно решение. Толку е просто: Нема трпение – Нема слушање – Нема компромис – Нема решение. Значи, не сме постигнале ништо?

Токму ова се случува помеѓу партиите, граѓаните и невладините организации. Се случува помеѓу сите луѓе во Македонија, без исклучок. Не постои отворена, искрена и критична дискусија, бидејќи на сите им се навредени чувствата, особено кога ќе им се соопшти вистината. Уште повеќе, ако вистината е дека нешто сработиле лошо или половично. Тогаш се појавува најостриот камбек: „Како не ви е срам на вас да ни кажувате на нас како да си ја вршиме работата? Кои сте вие што знаете подобро од нас?“. Верувам дека ова се најчесто користените две реченици во Македонија. Сите сме толку слепо горди и егоистични околу нашата работа што стануваме глуви на конструктивната критика. Не е тоа во ред другари, не се станува добар во нешто, ако бегаш од критика, туку тоа е најбрзиот начин да останеш на status quo.

Нејсе, додека сме на темата за политички партии, морам да опфатам денеска уште една мисла на просечниот граѓанин на Македонија, односно: „Мора да формираме трета опција!!!“. Да почнеме со фактите: Р. Македонија има 139 регистрирани партии (плус/минус) од кои околу 80 се активни. Значи, не само што имаме прва, втора, трета, петнаесетта… имаме и осумдесетта опција. Повторно проблемот е во народот, бидејќи ние мислиме дека со тоа што нема да гласаме за ВМРО или за СДСМ магично ќе се решат сите проблеми или пак дека ако има многу партии ќе има и плуралистичка демократија. Не, нема да има. Нема услови да ја има истата.

Потребно е да се расониме и да почнеме бистро и трезвено да гледаме пред себе. Партиите се само огледало на тоа што го сака народот. Ги сакате ВМРО, бидејќи ви даваат субвенции, административни плати и лажна сигурност, а за возврат треба само да ги оставите да ве крадат… и да гласате за нив, се разбира.

Не, потребно е да се донесе вистинска реформа во нашето размислување за политиката, со тоа што ќе почнеме да ја разбираме политиката и што таа значи. Во вистинскиот свет, работите никогаш не се црно-бели како што ни делуваат на нас додека полемизираме на Фејсбук или Твитер. Кога ќе ја постигнеме реформата во нашите умови, партиите ќе мораат да ја следат промената, за да има луѓе кои ги гласаат. Тие се хранат на нашето не разбирање на основни поими, кои е срамота да не се знаат.

Не можеме со две партии да излеземе на крај, камо ли уште трета да ни тупнат.
Пу, пу, скраја да е. Немам сила за и против трета да се борам.

П.С. Одбивам да кажам зошто беше одлична идеа СДСМ да си замине од „Граѓаните за Македонија“. Нека ви биде домашна задача да откриете зошто.

Демијан Хаџи – Ангелковски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска