Пред две и пол години Македонија беше во шок од велигденскиот масакр кај Смиљковско езеро. Четирите момчиња Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски, како и рибарот Борче Стевковски беа брутално ликвидирани.
Обвинетите за грозоморниот злостор Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фрејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута добија доживотен затвор, но родителите во шокантно сведоштво за последниот број на неделникот „Фокус“ тврдат дека на слобода се уште се шетаат неколкумина врз чии раце се наоѓа крвта на нивните деца.
Тие се сомневаат дека некој во случајот „Монструм“ има статус на „заштитена мечка“.
„Лично сметам дека Али Ахмети знае се и молчи. Знаеме и дека скриените телефонски броеви кои што се наведуваат во пресудата, а преку кои осудените разменувале телефонски пораки, се од луѓе од владејачката коалиција“, велат за „Фокус“ родителите на убиените Александар и Филип.
Тие прашуваат кој е Али Ахмети да бара во целиот судски случај да се вклучи ФБИ.
„Зарем ние немаме институции. Нелогично е Ахмети да плука по сите македонски институции, да нема верба во нив, а од друга страна да уживаа во привилегиите што произлегуваат од тие институции. Али Ахмети продава ветер и магла. И она што премиерот Груевски дополнително го изјави дека Апелација може да одлучи дали да дојде ФБИ, е исто така, продавање магла“, велат родителите.
Тие обвинуваат дека нивните деца биле жртви на политички интереси.
Родителите велат дека нивните деца се убиени за пет пари.
„Ние повеќе не можеме да молчиме и допрва ќе кажеме се што знаеме“, вели еден од родителите.
Роднина на еден од осудените за Порталб изјави дека вистината за „Монструм“ полека се открива.
„Ние отсекогаш верувавме дека целата работа е за договорот за земјиштетот што го направивме. Не знам кој ќе гради и што ќе гради, само знам дека обвиненијата за убиство имаат врска со 39 хектари земјиште кои беа земени под концесија на 30 години во 2006-та“, изјави Бедри Ајдари за Порталб.
Родителите имаат право да ја знаат вистината без оглед дали ќе затресе или ќе урне нечија фотелја, пишува „Фокус“.