Претседателот Иванов денеска се обрати на Светскиот форум на бизнис-ангели, кој се одржува во Истанбул, Република Турција, каде што говореше за целите и вредностите на Школата за млади лидери, која, од страна на форумот, е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година.
Како што информираат од Кабинетот на Иванов, на форумот, на кој присуствуваат над 1.200 учесници од 70-тина држави, македонскиот претседател истакнал дека целта на Школата за млади лидери е на најталентираните и најуспешни млади од Македонија и од регионот да им се овозможи она што не можат да го добијат во рамките на официјалниот образовен систем.
„Сакаме да изградиме лидери со вистински вредности, интегритет и отворен ум. Само со отворен ум младите ќе можат да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови и иновативни решенија на патот до индивидуалниот и колективниот успех“, рекол Иванов дополнувајќи дека учесниците на Школата имаат можност да се стекнат со интердисциплинарно и апликативно знаење, практични совети, насоки и менторство од врвни светски лидери.
Иванов порачал дека Школата за млади лидери е старт-ап училиште за идните општествени лидери на Македонија кои преку вмрежување може да придонесат за позитивни промени во општеството.
„Можеби најважното нешто што сакаме младите да го научат е лекцијата за моралното лидерство. Стана популарно да се вели дека не е важно дали некој политички или бизнис-лидер е морален или не, сè додека добро ја извршува работата. Способноста, а не карактерот е она што е важно. Но, прагматизам без морал води кон краткорочни решенија со долгорочно штетни последици. Лидери без морал се дел од проблемот, а не од решението“, рекол македонскиот претседател.
Тој воедно потсетил дека во Школата за млади лидери, којашто е негова лична иницијатива и проект што се организира под негово покровителство, досега учествувале над 320 млади луѓе од Македонија и од регионот, како и над 180 врвни светски предавачи од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.
Во своето обраќање Иванов зборувал и за дигиталната трансформација на компаниите, на политиката и на универзитетите, за кои, како што рекол, се дел од незапирлив процес на раѓање нова парадигма што треба да понуди иновативни и креативни решенија за глобалните предизвици.
Вечерва во рамки наСветскиот форум на бизнис-ангели, на македонскиот претседател ќе му биде доделена наградата за светско лидерство, по повод прогласувањето на Школата за млади лидери за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година.