Шилегов и Марин чистеа ѓубре, Богдановиќ уриваше,  претседателските избори ги растрчаа градоначалниците

Од:

Со медицински ракавици и зелена маичка скопскиот градоначалник Петре Шилегов денес заедно со градската администрација и дел од амбасадорите, чистеше ѓубре на паркингот спроти Скопски саем. Иако на почетокот на мандатот тој скопјани ги убедуваше дека нема да биде палир како неговиот претходник Коце Трајановски кој парадирал на градилишта и во жолти чизми излегувал на поплави, денес Шилегов излезе да собира ѓубре.

Градоначалникот Шилегов со зелена маичка и медицински ракавици собираше ѓубре на паркингот спроти Скопски саем

„Со масовноста на оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на граѓаните и да укажеме на штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии. Депониите не само што ја загрозуваат животната средина туку претставуваат и директна закана за здравјето на граѓаните“, порача градоначалникот Шилегов.

Дека чистел ѓубре се пофали и градоначалникот на Аеродром, Златко Марин. И тој на „Фејсбук“ објави слики од акцијата за собирање отпадоци околу Железничка станица.

„Подигнувањето на јавната свест за штетноста од несовесното постапување со отпадот и загрозувањето на животната средина е нашата главна цел“, е пораката од градоначалникот Марин упатена од акцијата .

И градоначалникот на Центар покажа активност. Тој во понеделникот извести дека успеал да го заврши уривањето на летната тераса на кафулето „Бастион“ кое почна лани.

„Општина Центар ги отстранува терасите на кафулињата и рестораните во центарот на градот кои узурпирале повеќе јавна површина од дозволената и со тоа го попречуваат просторот за пешаци и ја загрозуваат нивната безбедност. Денеска заврши отстранувањето на терасата на ‘Бастион’, а ние продолжуваме да постапуваме по останатите решенија“, објави градоначалникот Богдановиќ.

Вчера пак и градоначалникот на Карпош покажа дека може да се исчисти депонијата кај спортскиот ценатр „Борис Трајковски“ за која пред само неколку месеци, заедно со градоначалникот Шилегов, кажуваа дека нема решение и дека расчистувањето би било прескапо.

Градоначалниците со сите објави во медиумите и на социјалните мрежи, не ги убедија скопјани дека навистина одговориле на потребите на граѓаните. Напротив, во коментарите скопјани им порачаа на градоначалниците дека излегле меѓу граѓаните не за навистина да исчистат туку поради најавената метла од премиерот и јасно пратената порака дека поради неуспешноста на локалните власти, не треба да се казнува нивниот претседателски кандидат.

И градоначалникот на Аеродром , Златко Марин се пофали дека денес чистеле околу Железничка станица

„Пораката ја примив и ви возвраќам – чистка ќе има на сите функционери кои немаат капацитет да му служат на народот. На граѓанинот мора да му се јавите, да му одговорите, да му дадете совет и да му помогнете. Ако не можете денес, ќе кажете кога можете да му ја завршите работа. Пораката е примена, но немојте да ја казнувате државата поради слабости на централната и на локалната власт“, рече премиерот Зоран Заев на собирот во Карпош по првиот круг на изборите.

Граѓаните ги потсетија градоначалниците дека имале две години да ја исчистат депонијата кај „Борис Трајковски“, паркингот спроти Скопски саем и сите останати делови од градот и дека сегашните активности не ги прават ефикасни локалните самоуправи.

Со уривање летна тераса што почна лани, активност покажа и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ

Организатор на денешната акција за чистење беше ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Под мотото „Биди дел од чиста иднина“, акцијата се одвиваше во сите скопски општини, а учествуваа администрацијата на претпријатието, општинската администрација, студентите од скопските универзитети, претставници од невладиниот сектор, како и учениците од средните и основните училишта.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

ЦУК: Да не се палат ниви и диви депонии, се уште има пожари на отворен простор

Шилегов: Време е Милошоски да го напушти Собранието, двапати му падна косата до сега

Орце Костов

Запален автомобилот на сопругата на Шилегов: Почнаа да пукаат гумите, одма пријавивме

Кристијан Ландов

Арсовска излажа, депониите во Скопје стојат тврди СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов и СДСМ цел мандат ништо не направија за загадениот воздух затоа Скопје е на врвот на најзагадени градови

Се чистат диви депонии во Битола

Ландов