Шест години затвор доби Ибраим Сејадини, еден од уапсените во полициската акција „Монструм”а за петкратното убиство кај Смилковското Eзеро, крај Скопје.
Судот го прогласи Сејадини за виновен поради недозволено изработување, држење и трговија со оружје.
Во својот исказ пред Судот тој рече дека жали, а оружјето пронајдено кај него го набавил пред пет години во Качаник на Косово, за 500 евра.
Сакал да го препродаде во Македонија за повисока цена, но не успеал да најде купувачи.
Во домот на Сејадини беа пронајдени автоматска пушка, бомба „кашикара”, пет рамки за муниција, седум куршуми, борбени елеци и фантомки.
Ова е прва пресуда за акцијата „Монструм“, во беа уапсени 20 лица за кои постоеше сомнение дека се вмешани во петкратното убиство кое се случи на 12-ти април годинава на Смилковското Eзеро, кога беа убиени четири млади момчиња и еден средновечен маж, рибар.
За половина од нив, судот утврди дека не се вмешани во убиството. Тројца од уапсените се обвинети дека се директни извршители на убиството, а двајца од нив се во бегство.