ШАРЛИ МОЖАТ ДА БИДАТ АМЕРИКАНЦИТЕ, НО НЕ И ЕВРОПЕЈЦИТЕ

Од:

Д-р Ненад Живановски

Масакрот во редакцијата на „Шарли Ебдо“ без сомнеж претставува досега незабележан настан, чии крвави траги ќе остават дамки и на многу идни настани кои ќе се случуваат во годините кои следат во Франција, Европа, но и во целиот свет. Францускиот дневен весник „Либерасион“ веќе објавил на насловната страна порака до читателите „Ние сме во војна!“.

Кога новинари на умерен левичарски весник вака размислуваат, што ли е во главите на екстремните десничари? Од човечки, морален, па и серелигиски апсект не може да има никакво оправдување за крвавиот акт, и убиството на седумнаесетте луѓе мора да биде безусловно осудено. Меѓутоа, во овие драматични денови на шок, неспокој, страв, бес, пркос произлезени од тагата за жртвите, истовремено се поставува прашањето какво стојалиште да се заземе кон феноменот наречен сатирично списание „Шарли Ебдо“. Разбирливо е дека под сенка на трагичниот настан и она што следеше, многу тешко е да се апстрахираат емоциите и емпатијата кон загинатите членови на редакцијата, а при тоа да се претендира да се направи објективна анализа на медиумот.

Што претставуваше „Шарли Ебдо“ за париската медиумска сцена пред да биде цел на грозоморниот напад? „Шарли Ебдо“ најмногу е познат преку објавените карикатури за исламот и пророкот Мухамед, кои порано, а и денес, се опишуваат како контроверзни, исмејувачки за муслиманите, порнографски, провокативни. Од позиција на струката, чесно е да се каже дека сѐ се тоа еуфемизми кои се користат за да се избегне да се употреби најпрецизниот збор кој ја објаснува содржината на објавените карикатури. А тој непријатен збор е зборот – говор на омраза! – и ваквата оценка не е резултат на некаков субјективен впечаток, туку таа регуларно произлегува ако се направи објективна анализа која е научно-теоретски фундирана. За да се дојде до ваквиот заклучок доволно е да се прочитаат неколкуте (најрелевентните) дефиници за говор на омраза. Организацијата Хјуман рајтс воч го дефинира говорот на омраза како каква било форма на изразување која се смета за навредлива за расните, етничките и религиозните групи и другите малцинства и за жените. Советот на министри на Советот на Европа во 1997 г., во својата Препорака Р (97) 20, го дефинира говорот на омраза како „сите облици на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам и други облици на омраза која се темели на нетолеранција, вклучувајќи и нетолеранција изразена со агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација или непријателство кон малцинства, имигранти или луѓе со имигрантско потекло“.

Во согласност со тоа, Европскиот суд за човекови права (лоциран во Стразбур, Франција!) го дефинира терминот како „секоја форма на изразување која шири, поттикнува, промовира или оправдува омраза заснована на нетолеранција, вклучително и верска нетолеранција“. Од повеќето критериуми кои се користат за да се детерминира дали нешто претставува говор на омраза, базичниот е дали таквиот говор продуцира релевантна општествена омраза, односно дали е упатен кон група или поединец како дел од група, чии членови се идентификуваат и поврзуваат меѓу себе, во случајов, според заедничките верски убедувања (но можат да бидат и други).

Според сите овие дефиниции и спомнатиот критерим нема дилема дека контроверзните, порнографските, провокативните, исмејувачките карикатури објавени за пророкот Мухамед се токму тоа – говор на омраза на религиска основа и не можат да се сметаат за право на слобода на изразување. Уште повеќе што деновиве, на црниот список за непрофесионализмот на ова списание, некои српски портали додадоа и насловни страни на „Шарли Ебдо“ од 1999 година со карикатури на кои српскиот народ се претставува како геноциден. Генерализација на еден народ или религија за лоши или примитивни и потсмевање на нивна сметка е, исто така, пример за говор на омраза и тука секаква дискусија за слобода на изразување завршува!

За разлика од САД, каде ваквите карикатури би биле дозволени, согласно гаранциите од Првиот амандман на Уставот, во Европа е завземен став дека сечија слобода на говор престанува таму каде почнува нечија навреда, односно дека дигнитетот на човекот е пред правото на слобода на говор и тоа е преточено во законодавствата. Токму Франција е една од државите со најригорозни законски мерки за спречување говор на омраза и таа има усвоено закон за говорот на омраза уште во 1972 година, според кој, освен што се казниви дискриминацијата, омразата и насилството на основа на потекло, таа е и единствената држава во која е забрането и „тајното поттикнување на дискриминација, омраза или расно насилство“, што се казнува со одземање оружје и материјал користен за сторените прекршоци, како и упатување на доброволна работа. Ова значи дека карикатурите дури и илегално да биле печатени и дистрибуирани од некоја тајна организација, според француското законодавство, тие морале да бидат запленети, а авторите санкционирани со, на пример, чистење снег. Колку и да сме потресени од масакрот на редакцијата на овој весник, фер е да се каже дека токму овие принципи и законски одредби весникот ги има прекршувано во својата работа (што никако не го оправдуваат грозоморниот чин, бидејќи државата е таа која треба да оценува и да суди!).

Причините за ваквата работа на списанието можеби лежат и во фактот дека до трагичниот настан „Шарли Ебдо“ важел за нискотиражен сатиричен весник, на кого му претстоело скоро згаснување поради нерентабилност во работењето (последните месеци се продавал и во само 30.000 примероци, што е минорен тираж за земја од 60-тина милиони жители). За да го избегне најлошото и да оствари некаков профит, редакцијата прибегнувала кон најразлични деловни акции како сензационализам, провокација, често пати одејќи и по самата ивица на професионално и етичко работење. Некои од инкриминираните карикатури, кога за прв пат биле објавени во 2012 година, предизвикале серија на напади на амбасадите на САД на Средниот исток и закани за француските амбасади, конзулати, културни центри и меѓународни училишта во 20-тина муслимански држави. Тогаш, министерот за надворешни работи на Франција Лорен Фабиус ја критикувал оваа одлука на списанието, а Белата куќа на јавна прес конференција го поставила прашањето за оправданост од објавување на таквите карикатури. Редакцијата со своето неодговорно однесување ги доведувала во прашање животите на многу западноевропски и американски граѓани како потенцијални мети за освета во муслиманските држави, нешто што ниедно одговорно новинарство не би го сторило. Денес истите тие цртежи се прогласуваат за симбол на слобода на изразување.

И покрај дискутабилниот професионализам на весникот во минатото, шокот настанат од крвавиот пир на терористите разбирливо деновиве ја мобилизира француската јавност, за јавно да го покаже својот пркост дека не е уплашена и затоа масовно излегува на протести. Паралелно, низ целиот свет се прошири една патетично-манипулативна парола „И јас сум Шарли“, која во прв план го исфрла весникот, преку ноќ трансформиран во симбол на слобода на говор, занемарувајќи му го (не)професионалниот бекграунд. Која е позадината на оваа смислена политичко-медиумска стратегија за фетишизирање на „Шарли Ебдо“? „И јас сум Шарли“ веројатно за повеќето обични луѓе значи жал за убиените, но имплицитно може да се декодира и дека под изговор за слобода на говор се упатува порака дека и јас сум за потсмев и навреда на муслиманите и нивните религиски чувства бидејќи тоа беше содржината на карикатурите поради кои овој сатиричен весник беше цел на терористичкиот напад. На таков начин, суптилно се врши когнитивна промена кај милиони обични граѓани на Западот дека навредата на муслиманските симболи и верувања постанува дел од човековите права и слободи и израз на слободоумие. Ако се суди според бласфемичните карикатури за пророкот Мухамед, списанието „Шарли Ебдо“ има допирни точки со слободата на говорот исто колку и секој екстремистички весник чиј пристап е исклучив, провокативен, сензационалистички, неодговорен и непрофесионален согласно новинарските стандарди. Или, преведено на терен на учењето на Фуко, дискурсот за слободата на изразување се наоѓа на врвот на државните дискурси бидејќи ги поставува правилата за сите понатамошни дискурси − кој говор ќе биде дозволен, а кој не, од страна на индивидуите и државата. Неговата теорија за моќта ја дава клучната поента дека моќта не е очигледната физичка принудна сила употребена од страна на државата, туку е нешто што суптилно се управува преку јазикот. Ако, како што тврди Фуко, моќта во општеството доаѓа од употребата на јазикот, тогаш и опасноста од злоупотреба на јазикот може консеквентно да доведе до злоупотреба на моќта. Дали со пораката „И јас сум Шарли“ интенцијата е преку јазична манипулација да се формира колективна свест за дозволеното право да се навредуваат муслиманските вредности и да се креира афективна состојба која во иднина ќе биде подготвена за меѓуконфесионален судир на тлото на Европа – времето ќе покаже, но впечаток е дека постои некаков систем и стратегија во сето ова. Дотолку повеќе што на „Шарли Ебдо“ не треба да се гледа само како на инцидентна појава и исклучок, туку тој е можна парадигма за еден континуиран непринципиелен и едностран однос на западниот јавен дискурс и судството кон своите сограѓани муслимани.

Уште во 2001 година, италијанската новинарка Оријана Фалачи предизвикала бура протести низ Европа поради својот став кој го изнела во книгата „Гнев и гордост“, во која, меѓу другото, напишала дека муслиманите се „множат како стаорци и го поминуваат денот со задникот дигнат во воздух, молејќи се пет пати на ден“. Страсната полемика на Фалачи за исламот (според неа, единствената разлика помеѓу современиот и радикалниот ислам е во брадата) и противењето на европскиот и арапскиот антисемитизам, биле предмет и на судска расправа во Франција, во која невладините организации за човекови права поднеле кривична пријава за говор на омраза и барале книгата да се повлече од францускиот пазар. Сепак, Оријана Фалачи била ослободена од сите обвиненија, а книгата станала милионски бестселер иако, како спомнавме, во Франција постои закон кој го санкционира говорот на омраза. Исто така и францускиот писател Мишел Холбек бил ослободен од обвинение за говор на омраза, иако тој во едно интервју рекол: „Исламот е најглупавата религија. Кога го читате Куранот се чувствувате како скршени. Библијата барем е убаво напишана затоа што Евреите имале страшно добар книжевен талент“. Пред судот, авторот објаснил дека не чувствувал омраза кон исламот, туку само презир. А во пресудата се тврдело дека тој не ги мрази муслиманите, туку само исламот (?!). Муслиманските организации во Франција, кои го тужеле Холбек, протестирале и тврделе дека тој би бил осуден доколку истото што го изјавил за исламот, го кажел за еврејската вера. До слични заклучоци дошла и германската правничка Клаудија Хопт на примерот со Германија, тврдејќи дека посветеноста на Германија за заштита на еврејската чувствителност се смета за неверојатно далекусежна во споредба со третманите на другите групи и религии како, на пример, Турците.

Јасно е дека настаните со „Шарли Ебдо“ не можат да се анализираат изолирано од целокупниот општествено-политички контекст на француското и западното општество и неговиот однос кон муслиманите. А тој е дека младите муслимани во голем број се радикализраат од, според нивно убедување, неправдите кои им се чинат на нивните браќа по вера во некои муслимански држави. Една од тие неправди е и фактот дека со години наназат француски авиони бомбардираат и убиваат во Ирак и Либија, а не муслимански во Париз. За познавачите на приликите, првата грешка француските политичари ја направиле во 2005 година и тогашните масовни нереди на црнечкото и муслиманското население од предградијата кои личеле на мала граѓанска војна. На претседателските избори во 2007., наспроти концептот за интеграција и социјална инклузија на доселениците, кој го нудела умерената кандидатка Сеголин Ројал, гласачите се одлучиле за цврстата рака и ветената „пресметка со криминалците“ на кандидатот за претседател Николас Саркози. И денес јавна тајна за која гласно се зборува во Франција е дека немирите во 2005. биле испровоцирани од американската агенција ЦИА за да му овозможат на Саркози како министер на полиција да ја зголеми популарноста со својата цврста и непопопустлива политика кон имигрантското население, а сѐ со цел две години подоцна да биде избран за претседател на Франција и да ја прекине дотогашната политика на неутралност на Жак Ширак кон меѓународната коалиција во Ирак предводена од САД. Операцијата False flag се покажа за успешна и денес Франција е еден од најверните следбеници на американската политика на Средниот и Блискиот исток.

Исто така и уништувањето на една релативно добро организирана држава, каква беше Либија во времето на Гадафи, под изговор дека тој е диктатор, а либискиот народ очајно ја посакува демократијата, во очите на муслиманите ги претставува Французите дека имаат раце целосно измачкани со муслиманска крв. Наспроти неубедливото „бомби за демократија“, тие не се неинтелигентни да препознаат дека мотивот е „бомби за нафта“. Во предвечерјето на почетокот на бомбардирањето на Либија, некои независни медиуми пишуваа дека француските и британските нафтени компании му должеле на Гадафи повеќе од 200 милијарди долари за неплатена експлоатација на нафтата и дека либискиот претседател немал повеќе намера да го одложува плаќањето на долгот како и дека Кинезите во низок старт чекале да ги заменат француските и британските компании. Денес Гадафи го нема, долгот кон Либија не е платен, а истите компании ја црпат нафтата безпари. И додека кај многу домицилни Французите сѐ уште е витална неоколонизаторската свест и поддршка на ваквата политика бидејќи им обезбедува материјална благосостојба и комодитет во животот, а останатите се инертни да излезат и јавно протестираат, младите муслимани и тоа како емотивно ги гледаат и преживуваат овие неправди. Затоа и убиството во „Шарли Ебдо“ не смее да се посматра одвоено од севкупниот контекст на француската политика – внатрешна и надворешна, а неподготвеноста на Франција да го менува својот однос кон муслиманско-арпаскиот свет не исклучува вакви настани или можеби уште потрагични да се случуваат и во иднина. За жал и насловот во „Либерасион“ – „Ние сме во војна“, ќе се покаже за (лицемерно) точен – Франција е во војна сега кога гинат Французи во земјата, но е во мировна мисија кога нејзините легионери убиваат муслимански жени и деца по Африка и Азија. Се додека не излезат на улиците на Париз милиони луѓе, исто како за „Шарли Ебдо“, за да протестираат против ваквата политика на двојни стандарди, спиралата на насилството само ќе се продлабочува.

Случајот со „Шарли Ебдо“ има своја рефлексија и врз нашите простори, пред сѐ што ги дискредитира оние западни експерти кои со години доваѓаат на Балканот за да држат обуки на новинари во кои и за побеновелентни примери од карикатурите на Мухамед едуцираат дека се говор на омраза и дека односот кон подсмевот на друга религија треба да биде со нулта толеранција. Како сега одеднаш испадна дека она што го пропагираат за лошо, е дозволено, дури и пожелно, во нивните држави? Има вистина во зборовите на професорот од Факултетот за политички науки во Белград и поранешен амбасадор на Србија во Париз, Предраг Симиќ дека на нашите простори има многу повеќе толеранција од Западот бидејќи кај нас на никој не би му паднало на памет со карикатури да им се подсмевнува на верниците од други религии.

Во својот текст посветен за „Шарли Ебдо“, Ноам Чомски се повикува на извештајот на новинарот на „Њујорк Тајмс“ Стивен Ерлинџер и пишува: „Ерлинџер сликовито ги опишува сцените на хоророт. Тој цитира еден преживеан новинар, кој изјавил дека ’Одеднаш сѐ се урна. Непостоеше начин да се излезе. Имаше чад насекаде. Тоа беше страшно. Луѓето врескаа. Тоа беше како вистински кошмар’. Друг преживеан новинар изјавил: ’Се слушна силна детонација и сè постана сосема темно’. Од местото на настанот, новинарот Ерлинџер известувал: ’Насекаде имаше искршени стакла, урнати ѕидови, расцепени дрва, исцрнети слики и емоционална пустош. Најмалку за 10 лица беше потврдено дека се загинати во експлозијата, а за 20-тина дека се исчезнати, но и за нив се претпоставуваше дека се затрупани во урнатините’“. Како понатака објаснува Чомски, „овој цитат не е од јануари 2015 година туку тоа е извештајот на Ерлинџер од 24. април 1999 година во „Њујорк Тајмс“ кој воопшто не поминал толку забележителено како извештаите за нападот на „Шарли Ебдо“. Во текстот Ерлинџер известувал за НАТО (значи американскиот) ракетен напад на српската државна телевизија за да ја спречи да емитува програма. Потоа следело и официјално оправдување. НАТО и американските официјални лица застанале во одбрана на нападот“ – потсетува Чомски во својот коментар за „Шарли Ебдо“ (http://www.telesurtv.net/english/opinion/We-Are-All—Fill-in-the-Blank-20150110-0021.html).

Убиствата во редакцијата на сатиричното списание се несомнено грозоморен акт на тероризам и варварство за кој не постои оправдување, но морално тој не е ништо повеќе трагичен и за осуда од убиството на 16-те новинари на Радио телевизија Србија од НАТО авионите или бомбардирањето на Либиската државна телевизија од француските ловци во 2011 година кога беа убиени тројца новинари. И двете телевизии од НАТО (вклучително и од Франција) беа оценети за легитимни воени цели (!), а загинатите новинари ’само’ за колатерална штета, исто како што и терористите тврдеа за списанието „Шарли Ебдо“ дека претставува легитимна цел за секој бранител на Пророкот.

Со целосна почит и жал за жртвите и безрезервна осуда за терористите, списанието „Шарли Ебдо“, според постојните законски констелации на Франција и Европа, не може да се смета за светол пример за слобода на говор! Затоа, најпрвин нека се сменат дефинициите за говор на омраза и регулативата, па потоа неговото контроверзно творештво нека добие легитимитет и биде вреднувано за симбол за слобода на изразување. Разгледувањето на американскиот модел за слобода на говор е добра појдовна основа за дискусија во Европа. Сѐ додека не дојде до такви промени, дотогаш само Американците ќе имаат право да кажат „И јас сум Шарли“!

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска