Исклучоци од правилото недела да биде неработен ден секако дека треба да има, особено во поглед на дејностите што се од витално значење за функционирање на општественото живеење, како што е здравството, полицијата, противпожарната служба и други дејности, вели министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Таа додава дека се прават темелни анализи и се консултираат сите засегнати страни.
Министерката заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска учествуваа на зум-состанок со претставници на Сојузот на стопанските комори на Македонија и претставници од Министерството за економија, на кој се разговараше за сите аспекти од новото законско решение за недела да биде неработен ден, иницијатива прифатена од страна на Владата.
Министерката Шахпаска ја потенцираше важноста на овие консултативни средби и можноста за отворена дискусија и учество на претставници на сите засегнати страни со цел да се изнајде издржано решение, кое ќе одговори на потребите, но и ќе овозможи нормално функционирање на општеството.
Сојузот на стопанските комори на Македонија ги презентираше првичните резултати од направената анкета, која опфаќа 1.160 испитаници од разни сектори, а која упатува на тоа дека на прашањето за негативните последици врз работењето доколку недела биде неработен ден, само 25 % се изјасниле дека ќе имаат негативни последици, а високи 75 % дека нема да има. Учесниците на состанокот се согласија дека оваа анкета ќе даде значаен придонес во креирањето на ова ново законско решение.