Сезоната на протести може да започне!

Од:

Протестирачката есен-зима сезона официјално ја прогласувам за започната. Во ред, да бидеме фер пред недела дена се одржа мирен собир насловен како „Скопје не е Дизниленд“, но тоа беше само увертира, само загревање. Од денеска започнуваат вистинските протести, налик оние на претходната сезона, само што се надеваме дека овие ќе бидат и поголеми. Се поставува прашањето, дали ние воопшто имаме култура на протестирање, или подобро речено граѓанско демонстрирање на демократската моќ што ја имаме?

За да можам да ви го одговорам ова прашање, ќе морам да направам кратка анализа на што всушност се има случувано со оваа култура, ако воопшто можам така да ја наречам досега, во модерна историја на државава.

Повеќето, па да не речам и сите протести што се имаат случено во Македонија против оваа власт, биле задушени за пократно време од што им требало на Отоманите да задушат востание. Најчесто, владиниот ПР тим ја користеше старата, но добра тактика на раздели па владеј. Без разлика за што се протестира, наречи ги комуњари, соросоиди, платеници и гледај ги како се правдаат, наместо да се бунат за некое злодело. Најизразен случај за тоа беа протестите за Мартин Нешковски (трагично убиеното дете, на победничкиот митинг/прослава на ВМРО, во 2011 година, од страна на припадник на МВР). Тогаш на владиниот ПР тим не му требаа повеќе од неколку дена за да ги сузбие протестите, само со тоа што ги направи граѓаните кои протестираа – партизирани и политизирани. Самите почнаа да се правдаат меѓусебно дали тоа е политичко или социјално прашање, се правдаа дека не се од партија и ги бркаа граѓаните кои беа меѓу нив дел од некоја политичка партија. Небаре ако си од партија, немаш право на улица да си го изразиш мислењето за некоја погубна политика. Нејсе, за многу кратко време движењето изгуби на популарност, бидејќи повеќе време трошеа на одбивање на етикети, отколку на сопствената реторика за која и всушност почнаа со протестирање.

Сличното се случи и со АМАН, со протестите за Скопје 2014… Да скратам, има многу вакви примери.

Но, претходната сезона, нешто радикално се промени. Се појави група на храбри студенти, идеалисти по природа, храбри на карактер и највеќе од се интелигентни по убедување. Рекоа: доста со лошите реформи во образованието. Доста со екстерни/екстремни тестирања, кои не носат ништо добро. Доста со погубни политики и режимско автократна влада.

Денот беше 10ти Декември. Тоа не беше првиот марш на Студентски Пленум, но беше најубавото нешто што и се има случено на граѓанската култура од прогласувањето на независноста на Македонија. Околу 10.000 студенти, средношколци, родители и граѓани излегоа на улица. Етникумот не беше важен, партијата од која потекнуваат не беше важна, идеологијата која ја носеа луѓето не беше важна. Сите беа поканети што ја делеа истата цел како и Пленумот. Владиниот ПР се разбира дека се обиде да стори нешто, но студентите беа спремни. Каде што порано Курирците заокружува со црвени кругчиња, сега си дојдовме од дома заокружени сите – да им ја олесниме работата. Уште пред да ги наречат политичко движење, сами си признаа: „Се разбира дека сме тука за политика, па ние се бориме против штетни политики!“. Пробаа да издвојат поединци водачи во пленумот, но пленумот нема водачи. Пробаа да се закануваат на одредени студенти – тие студенти се тргнаа и беа заменети од двократко повеќе други.

Против пропаганда може да се бориш само со пропаганда. Со интелигентни, калкулирани чекори против режим. Со храбра, идеалистичка цел, зад која може секој да застане.

После Студентскиот Пленум веќе ништо не беше исто. За кратко се формираше и Професорски Пленум и Средношколски Пленум. Ех, децата од Средношколскиот Пленум ми се најдобриот пример за кохезивно, заедничко делување. Тие ми се причината зошто се уште сум оптимист дека ќе стане моќна и стабилна држава од Македонија. Скоро 2 месеци од своите тинејџерски животи ги потрошија овие златни деца, 2 месеци не посетуваа настава, 2 месеци дебатираа со луѓе кои немаа ни пола од нивниот интелект и образование. Никој не ги тераше, знаеја дека мораат. Или кампирање пред МОН или образование кое е лошо за нив и за сите други после нив.

Мислам дека можеби најважната лекција што ја научивме беше дека со солидарност, со заедничка работа и труд можеме многу да постигнеме. Научивме дека е супер кога си алтруист. Те исполнува тоа меко топло чувство дека си постигнал нешто, си победил. Протестите на 6ти и 7ми Мај ми докажаа дека ја имаме научено оваа лекција. Кога храбрите девојки застанаа пред кордонот на специјалци и ги штитеа од деструктивните хулигани кои сакаа да ги тепаат.

Да, другари, до скоро во историјата на оваа држава не знаевме како се протестира, барем не вистински и организирано, но научивме. Тоа е нешто што никогаш нема да можат да ни го одземат. Сега знаеме како да им дишеме во врат и знаат дека во секоја можна прилика ќе го правиме тоа.

Кога ќе ве повикаат, излезете на улица, ако не за другите, барем себично за себе излезете. Можеби денеска ви е убаво, но утре многу лесно може да дојдат по вас или по некој ваш близок. Тогаш ќе ви биде мило што сте се солидаризирале.

Овој 1ви Септември ќе биде поинаков. Ќе започне со собир на Средношколскиот Пленум и сите негови поддржувачи пред зградата на МОН. Се надевам дека ќе премине ова во традиција, секој почеток на училишната година да започне со протестен собир. Да ги потсетуваме сите влади дека се задеваат со нешто што е многу поголемо од нив.

Средношколци, последниот збор ви го посветувам на вас. Нека ви е на чест за храброста и издржливоста на која нѐ научивте, на сплотеноста и солидарност. Среќно во вашите следни походи!

#ПоздравПленумци

Демијан Хаџи-Ангелковски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска