Во пресрет на најавениот скрининг во училиштата кој треба да ги открие асимптоматските носители на Ковид – 19 меѓу учениците, на лекување има помалку деца отколку на првиот училиштен ден, минатиот месец, но точна бројка на ученици позитивни на вирусот, не се соопштува.
На први септември во болниците на лекување имало 22 деца заразени со Ковид – 19, а сега од Министерството за здравство велат дека бројката е намалена.
„Во ЈЗУ ’Институтот Козле’ хоспитализирани се 16 деца позитивни или суспектни на Ковид – 19 вирусот“, велат од Министерството за здравство за „А1он“, но не кажуваат од кои градови се и каква е состојбата на заболените деца.
И од Министерството за образование укажуваат на стабилна состојба во училиштата пред скринингот следната недела, за кој веќе се известени училиштата и родителите или старателите. Бројката на новозаболени ученици на дневна основа од Образование велат дека се движи од 24 д 72, но не одговорија на прашањето од „А1он“ колку вкупно ученици се позитивни во моментов и колку ученици се во изолација поради контакт со позитивно лице.
„Во врска со скринингот во тек е процесот за прибирање на согласностите од родителите за што училиштата беа информирани во текот на вчерашниот ден. Состојбата во училиштата е стабилна и дневно се следи од МОН и надлежните здравствени институции кои се во постојана координација. Податоците што МОН ги добива на дневна основа од училиштата покажуваат дека бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 % од вкупно 240 илјади ученици. Во текот на вчерашниот ден има помалку од 0,02% нови случаи на позитивни ученици. Важно е да се напомене дека бројката е динамична и постојано се менува согласно бројот на негативни, односно оздравени од вирусот, или новодијагностицирани“, велат од Министерството за образование за „А1он“.
Комисијата за заразни болести нема да даде нови препораки за училиштата каде, поради намалувањето на температурите, станува неизводлива препораката за често проветрување на училниците.
„Нема нови препораки, на важност се веќе донесените протоколи и мерки. За сите дополнителни измени Министерството за здравство ја информира јавноста. Во врска со прашањето за проветрување на просториите, претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, на повеќе прашања поврзани со овој протокол, апелираше дека проветрување на училниците и занимавалните може да се прави и помеѓу часовите“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Двете министерства остануваат на ставот наставата да се одвива со физичко присуство на учениците. Од МОН иако кажуваат дека во секој момент се подготвени да го сменат моделот за учење, не кажуваат колкава треба да биде бројката на позитивни и изолирани ученици за да се препорача комбинирано или онлајн учење, но уверуваат дека одлуката за тоа заеднички ќе ја донесат со Комисијата за заразни болести.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека нови одлуки се можни но по скринингот во училиштата. Скринингот, кој веќе доцни една недела, ќе се спроведе од понеделник на 8178 во 364 основни и 109 средни училишта во сите 80 општини и Град Скопје.