Завршија локалните избори. Можат да се опишат со еден збор: лакрдија. Изборите, наместо да ја изразат волјата на граѓаните, ја изразија волјата на владејачките партии. Ние живееме во држава во која институциите се партизирани. Наместо да работат за граѓаните, тие всушност работат за двете најголеми партии од владината коалиција. Полицијата обезбедуваше гласачи од Пустец и одземаше снимки на новинари со докази.
Управниот суд поништуваше избори во општини каде што победуваа опозициските кандидати. Луѓетo преку ноќ влегуваа на места каде што се чува изборниот материјал. Поткупувања, заплашувања, дупнати гуми и расипани лифтови, лажни флаери, бугарски возови… Да не зборуваме за медиумскиот простор што најмногу ме потсетува на времето на Милошевиќ во Србија. Никогаш олку дрски малверзации немало на ниту едни избори во минатото. На сите ни е јасно, изборите беа мирни, но не беа демократски, а уште помалку фер!
Прашањеето кое се поставува е: Дали можеме да очекуваме следните претседателски и парламентарни избори да бидат мирни, фер и демократски? Јас веќе не верувам дека Груевски и Мијалков би дозволиле да се одржат нормални избори. Братучедите си знаат дека во државава превладува опозициското расположение, а знаат и дека поради долговите на државата (кои Владата на секои десет дена ги зголемува) и нивните апетити за трошење, секој ден ќе биде сè полошо и полошо. Тоа што овие двајца го имаат, а опозицијата го нема се државните (партиски) институции со кои го цепкаат опозициското расположение. Уценувања, поткупувања, закани, притисоци врз граѓаните (посебно врз адиминистративците), овие инструменти, како што се ниша власта на фамилијата, ќе бидат сè посилно искористувани.
Замислете, само театарот кој се гради во склоп на „Скопје 2014“ требало да чини до 7 милиона евра, а досега се потрошени фрапантни 37 милиона евра! Колку од овие пари завршиле во некакви центри на моќ? Од друга страна, целата опозиција не потрошила ниту 2 милиона евра во кампањата за локалните избори! Сега замислете колку режимот со црни пари може да купи од опозициските функционери и активисти, да прави упади, па дури и нови квазиопозициски партии?! Треба да се најде начин како опозицијата и нејзините цели да се сочуваат од купувања и притисоци. Ако веќе немаме фер и демократски избори, како да очекуваме промена на власта? Како би победила опозицијата на недемократски избори?
Во оваа наша напатена држава веќе нема независен Управен суд, ниту Основен суд, ниту Уставен суд. Немаме државни туку партиски институции, немаме ниту полиција во служба на граѓаните, немаме веќе ниту една институција по која не посегнала раката на ДПМНЕ. Немаме ниту независна медиумска сцена, немаме независни синдикати, нема веќе ништо што би требало да има едно демократско општество. Но тоа што најмногу ни недостасува во моментот е тоа што ние немаме ниту „улица“, која сепак ја има во недемократските општества! Мора да изградиме култура на протест и само така можеме да ги доведеме пред свршен чин. Улиците мора да ги претвориме во најголем критички медиум. Медиум кој не ќе можат никогаш да го затворат!
Најголемата опозициска коалиција беше на добар пат и почна да ја гради таа улица што ни е толку потребна. Зошто се откажаа не знам, но мислам дека сега им е јасно дека беше грешка тоа што го прекинаа „Отпорот“ и излегоа на избори, за кои однапред се знаеше дека нема да бидат ниту фер, ниту демократски (среќа што барем беа мирни, без жртви). „Отпорот“ на опозицијата ѝ донесе нови приврзаници кои брзо беа разочарани од неговото прекинување. Денеска, многу луѓе кои не се членови на партиите од коалицијата а се качиле на Ладата, се етикетирани од страна на провладините медиуми, што и не е голем проблем, но тоа што опозицијата е немоќна во борбата против режимот е вистински, огромен проблем. Излегувањето на вакви избори делумно го легитимираше режимот. Јас од срце им ја честитам победата (остварена во речиси невозможни услови) на кандидатите во Центар, Струмица, Куманово и Ранковце, но тоа не значи ослободена држава. Опозицијата повторно треба да излезе на улиците и да им помогне на оние кои сакаат да ја изградат „улицата“ како симбол, но и како средство на борба против режимот. Да се најдат начини да се мотивира мнозинството граѓани кои се незадоволни од власта и да излезат на улиците. Така и опозицијата ќе биде посилна, и ќе ја добие поддршката на разочараните. Сo тоа и кај неопределените ќе се покаже визија за поразување на режимот, а тие тоа и го бараат.
Тие луѓе кои инсистираа опозицијата да оди на вакви избори (тврдејќи дека ќе се освојат барем 15 општини) фер е да си ја признаат грешката и да ги засукаат ракавите повеќе од останатите за да се вратат изгубените позиции во борбата со оваа ненародна власт. Знам колку е тешка борбата без средства наспроти режим со многу пари, институции и моќ. И токму поради тоа сметам дека „улицата“ е лекот. Па немаат тие толку пари колку што ние (мнозинството граѓани) имаме желба оваа власт да си оди. Слободата која деновиве се раѓа во Центар, Куманово, Струмица и Ранковце ќе мораме уште од утре да најдеме начин како да ја префрлиме и во другите општини. На најголемата опозициска партија ѝ посакувам успешен конгрес на 2 јуни и брзо закрепнување од поразот на најлошо организираните избори досега. Силна опозиција му е потребна на ова општество како никогаш досега. Им посакувам од конгресот да излезат посилни и поединствени. Рушењето на недемократскиот режим почнува со градењето на „улицата“. Ако не сме способни да ја изградиме, како тогаш да го одбраниме општеството и државата?!
За крај, еве една мисла од романот „Круг“ на Меша Селимовиќ, а за која мислам дека одлично лоцира од каде би требало да се тргне во градењето на „улицата“:
„Човекот станува слободен со своја одлука, отпор и несогласување. Ако се согласи на туѓ систем на размислување, тој нема свои причини, па не може да дојде ниту до своја одлука. Кога ќе ја отфрли туѓата логика и наметнатиот начин на размислување, сите причини му се достапни и секој чин е можен.“
Џељо Хоџиќ