Којзнае зошто е ова добро!? Наместо разочараност од одлуката на Основниот суд Скопје 1 да не им одреди мерка притвор на Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и останатите осомничени, сметам дека има причина за оптимизам. Ако систематски се анализира процесот за детронизација на ДПМНЕ од власт, тогаш и немањето во моментов одлука за притвор е за некое идно добро за правдата и државата.
Иако, пред помалку од една година, беше незамисливо Груевски, Јанакиески, Јанкулоска, Мијалков да бидат обезвластени, и тоа добро се случи – сите до еден си поднесоа оставка. Потоа, ретко кој оптимист можеше да замисли дека против некои вакви моќни фигури може да се покрене истражна постапка и тоа за најтешкото дело – злосторничко здружување против државата, меѓутоа и тоа се обистини во петокот.
После таков прогрес на дел од правната држава, која со години беше целосно суспендирана, да се биде оптимист дека во ист ден, по само неколку часа, вакви биг босови ќе завршат и во притвор е, некако, нереално. Сепак, ова е Македонија, а не Данска. Прогресот кој вчера го имавме со соопштението за тоа кои се осомничените беше максимумот кој можевме да го имаме во дадените околности. Мора да се оди постепено, чекор по чекор, за и другата страна (милитантното и необуздано членство на ДПМНЕ) да биде ментално подготвена за она што неминовно ќе им следи на нивните репрезенти. Верувам дека жалбата на СЈО ќе биде прифатена и она што можеше, а не се случи ноќеска, ќе биде поправено во второстепената постапка.
Тактиката чекор по чекор, наместо шок терапија, е подобра од две причини: прво, ќе се избегне обвинувањето дека ова е револуционерен суд, кој, под налетот на масата, без право и правда, сече глави и беси, со што злосторникот ќе го направеше жртва. Како што вчера, веќе, почнаа да се појавуваат коментари со сожалување за Гоца и Миле дека биле кутри бидејќи сè што работеле против законот било под принуда и притисок од Грујо и бате Саше.
И, второ, добра работа е што со тоа што овој суд, одбивајќи да им одреди мерка притвор на осомничените, ќе влијае во периодот до изборите, да се зголемува одбивноста кон ДПМНЕ и кај пасивизираните, но правдољубиви, гласачи кои се свесни дека под власта на ДПМНЕ и за многу помали обвиненија, но и невини лица, завршуваа во притвор. Ако до овој момент тие не мислеле да излезат да гласаат, после ова мотивот за гласање ќе им биде идентичен како на најголеми опозиционери. На крајот, ќе биде дупло голо: осомничените ќе завршат во притвор, а ДПМНЕ катастрофално ќе изгуби на изборите (доколку истите не ги бојотира), кои ќе ги одлучат неопределените гласачи, гласајќи, не толку за СДСМ, колку против криминализираното ДПМНЕ, желни за промени и нов почеток во државава, кој со вакво ДПМНЕ е невозможен.
Единствена надеж на следните избори за ДПМНЕ е да се дистанцира од сегашното раководство, да избере нови, некомпромитирани, раководители и така да успее да спаси што може да се спаси т.е. да доживее чесен пораз, со освоени до 30-тина пратеници, со нови лица, како влог за победа на некои идни избори. А тоа веќе не е голем проблем бидејќи, ако можеше членството да прифатат Груевски повеќе да не биде премиер, многу полесно ќе им биде да сварат дека тој веќе не е и претседател на партијата.
Конено, да не заборавиме дека допрва нѝ претстои произнесување на СЈО за останатите предмети, Монструм, Диво насеље и други, во кои некои од вчера осомничените, повторно можат да бидат инволвирани. Ако не за овој премет, тогаш за некој друг ќе им биде изречена мерката притвор. Калта им е до гуша, не е во прашање само една лепешка!
Д-р. Ненад Живановски