Седумдесет години од холокаустот на македонските Евреи

Од:

Еврејската заедница во Република Македонија денеска во Скопје ќе одбележи 70 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинка.

Делегации на Еврејската заедница, на Владата и на Собранието на Република Македонија ќе положат  цвеќе пред споменикот на македонските Евреи во Тутунскиот комбинат, како и пред спомениците на депортираните Евреи и на борците загинати во НОБ на гробиштата во Бутел.

Во просториите на Град Скопје ќе се одржи прием на кој претседателот на Евро-азискиот еврејски конгрес Вадим Шулман ќе и подари на синагогата „Бет Јаков“ во Скопје еден свиток на Тора. Тората ќе се чува заедно со другите свитоци на Тора во Арон-хакодеш во синагогата.

Одбележувањето на годишнината денеска ќе заврши со комеморативен концерт во Домот на АРМ, а утре ќе продолжи со чествувања на жртвите во холокаустот во Битола и Штип во кои, покрај Скопје, пред Втората светска војна живееле најголем број Евреи. Во МАНУ утре ќе биде одржана научна трибина „70 години од депортацијата на Евреите од Македонија“ и промоција на книгата „Движењето на отпорот и Евреите од Македонија“ од Жамила Колономос.

Во Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи вчера беше промовирана книгата „Плима и слом“ од Жени Лебл и беше отворена изложбата „Нови сведоци на холокаустот“.

Ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и концентрирани во Монополот, денеска Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупатопрски власти, уапсени биле 7.144 Евреи.

На 11 март 1943 тие биле собрани во сточни вагони и од Битола и Штип сите заедно доведени во скопскиот Монопол, каде што останале до крајот на март во екстремно тешки хигиенски и психолошки услови. Сиот имот им бил земен, а накитот и парите конфискувани. Потоа повторно биле натоварени, меѓу 80 и 120 во еден вагон, и транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани.

За оваа годишнина, во март 2011 година во Еврејското маало во Скопје беше свечено отворен Меморијален центар на холокаустот на македонските Евреи. Изграден е со средства од имотите на  семејства на убиените македонски Евреи кои немаат наследници. Тие беа собрани во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кој претходно работеше на имотно-правните прашања поврзани со денационализацијата на земјиштето каде што е изграден објектот.

Во спомен на депортираните македонски Евреи, делегација на Република Македонија во 2008 година во логорот Треблинка постави обележје со натпис „Македонија“.

Според проценките, во Треблинка се убиени околу 900 илјади луѓе, од кои над 750.000 Евреи. Жртвите на холокаустот во тој логор, на 100 километри североисточно од Варшава, биле убивани меѓу јули 1942 и октомври 1943 година.

Би можело да ве интересира

Во Скопје се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

(ВИДЕО) 60 лица се уапсени откако толпа упадна на аеродром во Русија и бараa Евреи

Горан Наумовски

Еврејската заедница ќе го одбележи Јом Хашоа – Националниот комеморативен ден на Израел

Ана Ололовска

Десница: Длабока почит кон македонските Евреи

Ана Ололовска

Поворка на живите од Музејот на Град Скопје до Монопол-Империјал Тобако по повод 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи

Ана Ололовска