Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница укина два члена од Законот за готовински плаќања, донесен 2001 година. Укинат е членот 4 -а со кој се предвидуваше можност купувачот или примателот на услугата да не плати стока, односно услуга, доколку не му се издаде фискална сметка. Причините за укинувањето се поради тоа што таквата обврска на граѓаните наместо државата и инспекциските органи да бидат контролори над оние кои не ја почитуват фискалната и даночна регулатива ги доведува во прашање слободата на пазарот и претприемништвото и владењето на правото.
Вториот укинат чл.21-в од Законот предвидуваше глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност за физичко лице – корисник на услуга доколку не побара фискална сметка или пак фискалната сметка не ја чува најмалку 15 метри од местото на прометот. Според Судот воведувањето прекршочна казна за граѓанинот потрошувач во ситуација кога со Законот за регистрирање готовински плаќања даночен обврзник е давателот на услугата, а не примателот на услугата, го доведува во прашање владеењето на правото.
Судот денеска го укина членот 3, став 1 од Законот за судска служба, со кој се предвидуваше судските службеници правата од работен однос да ги остваруваат согласно со Законот за судска служба, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.. Укинувањетио се однесува во делот на „и на другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“.
На седницата беше укинат и член 3, став 3 од овој Закон, кој предвидуваше судската полиција правата од работен однос ги остварува согласно Законот за судска служба, Законот за судовите, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос. Укинувањето и овде се однесува во делот „и на другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос“. Укинувањето е затоа што според Уставот правата на вработените судски службеници и судската полиција се уредуваат со закони и колективни договори, а не и со други прописи.
Судот денеска укина и две одредби од Законот за јавните службеници, донесен 2010 година и шест пати дополнуван досега.
На денешната седница беше укината одлука за Детален урбанистички план за резиденцијални објекти во населбата Карпош 2, донесена во мај 2013 година. Укинувањето е поради тоа што постапката на донесување на Одлуката не била спроведена согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Судот поништи член од акт, наречен „критериуми за утврдување пазарна вредност на недвижен имот“ во општина Јегуновце, донесен од Советот на оваа општина во февруари 2013 година. Поништувањето е затоа што таа материја е уредена со соодветните законски и подзаконски норми од областа на даноците на имот, поради што поништениот член од актот на општината не е во согласност со владеењето на правото.
Судот укина три члена од Колективниот договор на АД во државна сопственост за воздухопловна навигација, склучен меѓу синдикалната организација и Управниот одбор на МНАВ, склучен во јануари 2014 година.
На седницата беше укината одлука на УО на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево која се однесува на исплата на надоместок на членовите на УО. Одлуката е донесена во септември 2009 година, а предвидувала претедателот на УО да има надоместок по 3.000 денари, а членовите на УО по 2.000 денари за секоја одржана седница. Укинувањето е затоа што само основачот може да определи надоместок за присуство на седница на Управниот одбор, односно Единицата на локалната самоуправа која ја основала јавната локална библиотека.
Судот расправаше и за 15 члена од Законот за прекинување на бременоста, но одлучи да не поведе постапка. Судиите со мнозинство гласови процениле дека уредувањето на постапката за прекин на бременоста не ја спречува определбата за прекин, туку ја уредува процедурата, а тоа има основа во членот 42 од Уставот дека државата го штити мајчинството, децата и малолетниците.
На седницата Уставниот суд не поведе постапка за неколку оспорени членови од Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за заштита на децата и Законот за основно образование во врска со задолжителното вакцинирање. Имајќи предвид дека судиите не покренаа иницијатива и понатаму на сила ќе остане решението со кое вакцинацијата е задолжителна за десетина зарази, родителот да покаже документ за сите вакцини пред да го запише детето во прво одделение.
Судот за неповедувањето на постапката се повикува на член 39 од Уставот, каде е наведено дека секој има должност да го чува своето и здравјето на другите.