Се уште нема термини за предметите „Титаник“ на СЈО

Од:

Судењата за изборните измами на специјалното јавно обвинителство под кодно име „Титаник“ најверојатно ќе почнат последни. Со обвиненијата на СЈО опфатени се повеќе кривични дела меѓу кои злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за изборна кампања, повреда на слободата на определување на избирачите, уништување изборен материјал… Од кривичниот суд на брифинг со новинарите денеска соопштија дека делумно или целосно се одобрени сите обвиненија на СЈО. Дел од предметите на тимот на Јанева, веќе се во тек, а за останатиот дел се закажани судски рочишта. Сепак, предметите под кодни имиња „Титаник“, „Титаник 2“ и „Титаник 3“, за изборни измами најверојатно ќе започнат последни. Обвиненијата за овие предмети беа поднесени лани на 29 јуни.

„Титаник 2“
Уште лани до Апелациониот суд е поднесена жалба од специјалното јавно обвинтелство за изземање на управните судии во предметот за изборни измами „Титаник 2“, но кривичниот совет на овој суд, сè уште не донел одлука. Судијата Сафет Кадрии за „Макфакс“ потврди дека жалбата на СЈО за тоа дали треба кривично да одговараат судиите од Управниот суд, сè уште не е разгледана. Рокови за одлука нема. СЈО ја обжали и одлуката кривично да не одговараат судиите кои донесуваа одлуки за прегласување во општините Чаир и Струмица под партиски диктат. Советот за оценка на обвинението при кривичниот суд претходно не прифати за злоупотреба на службената положба да одговараат петте управни судии: Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула. „Макфакс“ објави дека судиите се повикале на имунитетот што Судскиот совет им го одзеде на седница во август лани. Одлуката на Судскиот совет беше по барање на судијката Верка Петковска. Предметот „Титаник 2“ треба да го суди судијата Огнен Ставрев.

„Титаник 3“
Иако обвинението за Ејуп Алими и Исмет Гури е одобрено, судијката од одделот за кривично-полнолетни, Оља Ристова сè уште го нема закажано судењето за овој предмет. Неофицијално, прчината е поради фактот што на судијката ѝ се натрупани стари предмети за кои мора да се закажат рочишта. Алими и Гури, според обвинението на СЈО, се обвинети за уништување изборен материјал.

„Титаник“
За првиот и најсложениот предмет на СЈО, „Титаник“, истрагата е отворена точно пред 2 години. Но, освен името на судијата Осман Шабани сè уште нема термин за првото рочиште. На судијата Шабани ова му е трет предмет на СЈО. Освен „Титаник“, Шабани ги суди и предметите „Топлик“ и „Тендери“. Во „Титаник“ обвинети се 20 лица за изборни измами, меѓу кои и врвот на ВМРО-ДПМНЕ: Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, Леко Ристовски. Првпат на обвинителна клупа ќе седне и Илија Димовски. СЈО бара на обвинетите да им се конфискува имот во вредност од 2,2 милиона евра.

В. Маглешов

Би можело да ве интересира

Врховен ги одби како неосновани барањата за преиспитување на пресудата за „Титаник“

Рочиштата на Титаник, Ласкарци и Жан Митрев одложени поради самиотот на ОБСЕ

Изборот на нови судии во Апелација, може да ги врати „Ласкарци“, „Титаник“ и „Талир“ од почеток

Првокласно мени од Титаник продадено за 75.000 евра

Горан Наумовски

Во завршните зборови Стефанова ќе каже дека застарело делото „злосторничко здружување“ во „Титаник“

Ново рочиште за „Титаник“: Законските измени го застаруваат делото „злосторничко здружување“

Александар Тодески