Професори и адвокати со низа критики за изборот на првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Тие не го делат мислењето на 66-те обвинители кои го дадоа гласот, а со чија помош, Абази сега ќе шефува со едно од најважните обвинителства. Меѓу критиките има и таква каде Абази се споредува со Катица Јанева, која пред да биде избрана за шеф на СЈО, исто така не беше позната во јавноста.
„Обвинителството треба да биде еден од столбовите на правната држава! Обвинителот што го ‘избраа’ не го познавам, како што не ја познавав ни Катица…. Рибата смрди од главата“, напиша професорот Гордан Калјаџиев.
Адвокатот Sвонко Давидовиќ вели дека изборот покажал дека на правосудството му нема спас.
„Вчерашниот избор на првиот човек во обвинителството за организиран криминал и корупција покажа дека на правосудството му нема спас. Обвинителите покажаа дека не гласаат за програма, визија, стручност и дека немаат никаква желба за промени па затоа гласаат за анонимус кој не најде за потребно ни да и се претстави на јавноста“, напиша Давидовиќ.
Професорката Мирјана Најчевска сака да знае врз основа на кои критеруми е избран новиот обвинител Абази. Таа посочува: „И сметам дека сите ЈО кои гласале и го изгласале треба под итно да бидат разрешени со забрана за вршење должност“.
„За мене овој избор е само уште една цигла во зградата на мафијата која ја држи државата во заробеништво. Изборот на човек кој е отворено поврзан со ДУИ и за чиј избор отсуствуваат било какви објективни критериум зборува за недостатокот од критична маса на обвинители со елементарен интелектуален и морален капацитет и во секој случај е јасен показател за неспремноста на актуелната владејачка структура за вистинска борба со криминалот. Изгледа ептен им се допадна работењето на Катица Јанева и се обидуваат да го етаблираат моделот на ново ниво. Што да ви кажам -не не бива“, напиша Најчевска.
Критика има и од адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска. Таа посочува дека републичките обвинители, од кои шестмина гласале за Абази, му ја донеле и победата.
„…Целосно го занемарив фактот дека гласаат и обвинители од републичкото обвинителство (најумните, нели?). Е тие му ја донесоа победата на овој кој не можам, а ќе мора да го запомнам како се вика“, напиша таа.
Замерка има и од адвокатот Јанаки Митровски. Тој смета дека е погрешно и тоа што Абази избега од дебатата на „А1он“ каде требаше да се соочи со против кандидатите.
„Секако дека го перцепирам како проблем фактот што не ја удостои јавноста со свое присуство на организирана јавна дебата на ТВ каде што јавноста ќе можеше да се запознае со неговите планови, програма за работа, цели итн. На некој начин со овој избор ЈО ГОКК се катицајаневизираше. Подолго време се шпекулираше дека ова столче е резервирано за ДУИ, што е тажно да се каже, но за жал реалноста е таа. Притоа најмалку е важно неговото родно место“, напиша адвокатот Митровски.
Поранешниот обвинител, сега адвокат, Воислав Димвоски исто така упати критики на сметка на новиот шеф во ОЈО-ГОКК, Ислам Абази.
„Нема безболен начин за да се каже ова: Резултатите од изборите, во случајов, повеќе зборуваат за тие што гласале, одошто за гласаниот. Пак ќе го цитирам дедо ми: ‘Ова бачило- вакво сирење дава!’“, напиша тој.
Новиот шеф на обвинителите за гонење организиран криминал, Абази, доби 66 гласови. Право на глас имаа 163 обвинители. Додека не победи, од него не можеше да се најде ниту фотографија, ниту биографија. Одби да се појави во јавност и да каже што планира да прави со ОЈО-ГОКК. Првото промовирање му беше денеска, на закажана прес-конференција која беше со лимитирани прашања. Абази посочи дека не е поврзан со ДУИ, но кратко после ова излагање, во јавноста протекоа и фотографии со него и челници на интегративците.