Се „крстат“ во македонскиот и во албанскиот јазик, а самите ги сквернават

Од:

Попусто се удираат в гради министрите во Владата кога зборуваат за заштитата на македонскиот јазик и за важноста од употребата на албанскиот како втор службен јазик во Македонија, кога официјалните веб-страници на повеќето министерства се полни со грешки и пропусти.

Едните не престанаа да печалат политички поени на фразата „Јазикот е идентитетот“, а другите изградија политички кариери преку барањето за официјализирање на употребата на албанскиот јазик во државните институции. Притоа, министрите и нивните службеници забораваат да погледнат што им се случува во дворот, односно на нивните веб-страници, и со какви соопштенија комуницираат со граѓаните.

Наместо преку нив да промовираат правилна и стандардна употреба на двата јазици, тие грубо ги кршат јазичните и правописните норми или, едноставно, се истакнуваат со неписменост.

Недозволиви грешки

Дали „заменик-министер“ се пишува со почетна голема или со мала буква? Дали станува збор за „пројект“ или за „проект“? Државен Секретар или државен секретар? Оделенија или одделенија? Македонски, албански, англиски јазик – со почетна голема или мала буква?

За некого ова се безначајни ситници, но за многумина правописните и печатните грешки во официјалните државни изданија можат да создадат забуна во однос на тоа што е погрешно, а што правилно кога станува збор за правописот на официјалните јазици што се користат во државата.

Сите веб-страници на министерствата имаат опција за избор меѓу македонски и албански јазик, а исто така и за текст на англиски јазик.

„А1он“ во соработка со Институтот за комуникациски студии анализираа десетина од нив и, со помош на македонист и на албанист како стручни соработници, се обидовме да одгатнеме колку објавените содржини и преводите соодветствуваат со правописот.

Наидовме на голем број пропусти, грешки во соопштенијата и во основните менија во веб-страниците, но и на неможност да се отворат.

„Регулатива за внатрешна поднесување“ во министерството на Артан Груби

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое го раководи вицепремиерот Артан Груби, е едно од помладите министерства. Тоа беше изгласано на 27 март 2019 година со двотретинско мнозинство во Собранието, преку трансформација на дотогашниот Секретаријат за спроведување на рамковниот договор. На веб-страницата на ова министерство, Груби првично беше напишан како „минестер“, наместо како „министер“.

Во менито, наместо „внатрешна организација“, беше згрешена првата буква, па пишуваше „бнатрешна организација“, а најнејасен поради јазични грешки беше делот за заштита на личните податоци, каде што пишува „лица за контакт за лично заштита на податоци“, и тоа со големи букви. Кај регулативите, се јавува „регулатива за заштита од внатрешна поднесување“, нешто што комплетно може да го збуни секој што ќе ја отвори веб-страницата. Дел од грешките во меѓувреме беа коригирани, но најголемиот број сè уште стојат.

Ако се отворат вестите и последните соопштенија од Министерството, исто така се наидува на голем број грешки и нелогични реченици, како, на пример, веста за средбата на Груби со косовскиот амбасадор.

Доколку сакате, пак, да прочитате повеќе вести, ќе треба да кликнете на линкот „оптоварување повеќе“.

Наместо 1.180 administrator (еднина), треба 1.180 administratorë (множина), со темен вокал (ë) на крајот. Изведување на кратенка како „ZVKM 1“ за означување државна функција (веројатно се мисли на „Прв вицепремиер“) стандардниот албански јазик не познава. Тоа би било слично како на македонски „Прв вицепремиер“ да се скрати со „ВЦПРМ 1“. Погрешна е и фразата „Postimet me të Populluara“ што значи „Најнаселени постови“. Веројатно сакале да напишат „Најпопуларни постови“, односно „Postimet më të popullarizuara“.

„Фристајл“ со голема или со мала буква

Грешки во однос на употребата на малата и големата буква можат да се забележат и на веб-страницата на Министерството за здравство и на повеќе други министерства. Правописното правило за употребата на големата буква во македонскиот јазик вели дека имињата на организациските единици се пишуваат со голема почетна буква само кај првиот збор, без оглед на тоа колку е развиена именската група.

На веб-страницата на Министерството за здравство се јавува повеќекратно отстапување од ова правило, не само кај името на секторите од сликата, туку и на други места. Така, овие сектори треба да бидат напишани: Сектор за управување со човечки ресурси и Сектор за стратешко планирање, креирање политики и следење.

Претпоставката е дека постојат две причини за ваквиот произволен правопис при употребата на големата буква: едната е влијанието на англискиот јазик и неговиот правопис, а втората е техничкиот аспект.

Неретко, самите страници се програмирани така што во насловите или заглавијата секој збор автоматски се пишува со голема буква. Сепак, со сите денешни технички можности и, пред сѐ, со свест за јазикот, вакви пропусти не смеат да се случуваат на оние места каде што употребата на јазикот би требало да биде беспрекорна.

Голем број грешки има и на албанската верзија на оваа веб-страница.

Погрешно со големи букви се напишани сврзникот Dhe (Plani Strategjik Dhe Buxheti), како и одредницата Е за падежот генитив (Planet E Veprimit, Pjesa E Parë E Provimit). Исто така, погрешно е напишана функцијата заменик-министер, наместо одвоено, треба слеано (Zëvendës Ministri треба Zëvendësmin).

Во Министерството за економија, пак, во делот на веб-страницата каде што е наведена систематизацијата на работните места, единствено министерот Крешник Бектеши е напишан со сите големи букви и на латиница, додека имињата на останатите вработени се напишани на кирилица.

Погрешно напишани зборови и изрази можат да се забележат и на албанската верзија на веб-страницата на ова министерство.

Наместо Tregu i mbrendshëm треба Tregu i brendshëm,а Sipërmarsija правилно се пишува Sipërmarrja

И во Министерството за финансии се очигледни грешките во однос на тоа што се пишува со голема, а што со мала буква, па во главното мени пишува „Јавни Финансии“ и „Даноци и Царини“, иако вториот збор треба да биде напишан со мала буква.

Во Министерството за култура, пак, наидовме на неколку слични пропусти, како на пример, „Национална Стратегија“ исто како и „Европски Интеграции“ (вториот збор е напишан со големаФ наместо со мала буква).

Грешки има и во содржината на албански јазик. Филхармонија на Северна Македонија е преведена како Филхармонија на Македонија (Filarmonia e Maqedonisë), а самиот збор „филхармонија“ е погрешно напишан, наместо Filarmonia треба Filharmonia (со h) . Македонски народен театар е преведен како „Народен театар на Македонија“, Teatri Kombëtar i Maqedonisë, а треба Teatri Kombëtar Maqedonаs.

Ако сакате да се запознаете со последните вести и соопштенија за работата на Министерството за локална самоуправа, ќе наидете на безброј нелогични реченици од коишто тешко може да се разбере суштината на веста. Па така, ако сакате да прочитате за проектот за Пелагонскиот плански регион, ќе наидете на реченица дека „преку проектот се направени за коритото некаде околу километар и пол последната фаза….“, а во некои од вестите ќе наидете и на реченица дека е „завршена заштитното корито“.

Проблеми за тоа што се пишува со голема, а што со мала буква лесно се воочливи и на веб-страницата на Министерството за надворешни работи, со кое раководи Бујар Османи. Веднаш штом ќе ја отворите веб-страницата, невозможно е да не ви падне в очи дека „министерот“ секаде е напишан со почетна голема буква.

Со голема буква се пишува и секој втор збор, како „Нотарски Услуги“, „Матични Книги“, „Престој за Странци“, но тоа не важи за „Имотни листови“ и „Патни исправи“, каде што вториот збор е напишан правилно – со мала почетна буква.

Министерот има „политичка ангажман во пројект“

На веб-страницата на Министерството за правда е објавена биографијата на заменик-министерот Агим Нухиу, а неговата кариера е поделена во неколку сегменти од кои едниот е „политичка ангажман“, наместо „политички ангажман“. Тој тука се спомнува како поранешен „Министер за Внатрешни Работи“ и „Заменик Министер за Внатрешни работи“. При набројувањето на неговите професионални ангажмани, наместо „проекти“, пишува „пројектот“, додека „албанци“, наместо со голема, е напишано со мала буква. Да се пишува националност со мала почетна буква е – елементарен правописен пропуст.

Во истото министерство, на почетната страна како главна вест затекнавме напис дека министерот Маричиќ тврди оти „резултатите од пописот ќе им бидат потребни и на идните Градоначалници“. Зборот „градоначалници“ е општа именка и се пишува со мала почетна, наместо со голема буква.

На албанската верзија на веб-страницата на ова министерство правописно погрешно е напишано името на министерот.

Наместо Bojan Mariçiq е напишано Bojan Marichikj

Во биографијата на министерот, пак, веројатно под влијание на англискиот јазик, се јавува нестандарден збороред и неправилна употреба на предлозите, како и на некоја лексика.

Според редоследот на зборовите во македонскиот стандарден јазик, во именската група на прво место треба да се јави општата именка па потоа специфичното име на поимот означен со именката: програмата МТЕК, програмата Чивенинг. Се магистрира ПО, а не „во“ Меѓународно и европско право или Современи европски студии, а „мастерот“ со којшто се стекнал министерот Маричиќ треба да биде – магистерска титула.

Проблеми со употребата на големи и мали букви можат да се видат и во биографијата на Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт и врски, којшто ги познава јазиците: „Албански, Македонски и делумно Англиски“.

Во главното мени на веб-страницата пишува „оделенија“, наместо „одделенија“.

На албанската верзија на веб-страницата има погрешно напишани зборови и непреведени цели содржини од македонски на албански јазик.

Напишано е Rekomanduar, а треба E rekomanduar (превод: препорачано)

Во биографијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа може да се види дека месеците се напишани со голема буква, а слично како и кај останатите веб-страници, честопати вториот збор во именските групи се пишува со голема буква. Истово се јавува и на други места на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

На албанската верзија на веб-страницата има цели содржини непреведени од македонски на албански јазик и бројни правописни грешки.

Фонетски погрешно е напишана функцијата заменик-министер, наместо Zëvëndësministri (со ë кај -vën- ), треба Zëvendësministri (со е)

Пропусти може да се забележат и на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Според правописните правила, датумите може да бидат напишани на повеќе различни начини – со број за денот, а со збор, со арапски или со римски цифри за месецот. Сепак, кога датумот се пишува со број за денот и со збор за месецот, се подразбира дека бројот што го означува денот е реден и токму затоа не се става никаква дополнителна наставка на цифрата.

Се пишува: 30 август, 4 јануари, 1 јуни, 3 јануари.

Незаинтересирани за одговори

Прашања на темата испративме до 11 министерства: за економија, за политички систем, за информатичко општество, за земјоделство, за животна средина, за надворешни работи, за правда, за образование, за култура, за локална самоуправа и за здравство.

Предмет на интерес беше колку лица работат во Секторот за информатичка и комуникациска технологија; во просек, колкави се месечните приходи на лицата ангажирани во секторот; колку лица работат на одржување на веб-страницата на министерството и дали во институцијата е ангажиран лектор.

Од 11 министерства, одговори добивме само од пет – од министерствата за здравство, за локална самоуправа, за животна средина, за економија и за политички систем.

Така, во Министерството за економија, во Секторот за информатичка технологија работат шест лица, со месечни приходи од околу 15 до 37 илјади денари. Веб-страницата ја одржува едно лице, а во министерството не е ангажиран лектор.

Во Министерството за животна средина и просторно планирање, во Одделението за информатички технологии, вработени се тројца – двајца советници и еден помлад соработник со месечни примања од 22 илјади до 26 илјади денари.

„На одржување на веб-страницата од технички аспект е ангажирано едно лице советник, со статус на вработен на неодредено време, а за информациите што се споделуваат се одговорени вработените од Канцеларијата за комуникација со јавност  (главно двајца)“, велат од Министерството.

Во Министерството за локална самоуправа нема сектор за информатичка и комуникациска технологија, а веб-страницата технички ја одржува едно лице коешто, во согласност со работното место, извршува и други задачи.

Секторот за информатичка технологија е укинат и во Министерството за здравство.

„При отворање на управата за Електронско здравство е укинат Секторот за информатичка комуникација и технологии во Министерството за здравство. За потребите од ваков вид на услуги Министерството соработува со вработените во ’Мој термин‘. Во моментов за тоа се ангажирани три лица со договор за дело, кои работат на ажурурање на веб-страната со износ по 35 илјади денари месечно, едно лице со 40 илјади денари месечно и едно лице со 30 илјади денари месечно“, велат од Министерството за здравство.

За 13 години една судска пресуда за законски прекршувања

Во Законот за употреба на македонскиот јазик стои дека „службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови, што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик, од лектори кои поседуваат лиценца“. Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противредност му се изрекува за прекршок на правното лице што ќе објави нелекториран текст, а глоба во износ од 600 до 800 евра му се изрекува и на одговорното лице во правниот субјект. Управен надзор врз спроведувањето на законот врши Министерството за култура.

Од друга страна, во Министерството за култура се вработени само пет инспектори за култура, надлежни да вршат надзори на територијата на целата држава во спроведувањето на осум закони. Досега, според Министерството, нема пресуда за објавување нелекториран текст, со исклучок на еден случај, кога е донесена судска пресуда за изречена глоба за одговорно лице во правното лице (единица на локална самоуправа во Скопје), по којашто е постапено од страна на сторителот на прекршокот.

„При вршењето на инспекциските надзори, првенствено се врши превентивна функција, додека инспекциските мерки и санкции се изрекуваат тогаш кога со превентивната функција не може да се обезбеди целта на надзорот“, велат од Министерството.

Од Министерството за култура велат дека во периодот од 2008 година досега, односно последниве 13 години, инспекторите за култура извршиле вкупно 1.896 инспекциски надзори од аспект на примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик и од Законот за радиодифузната дејност од аспект на употребата на македонскиот јазик.

„Од страна на инспекторите, на субјектите (правни лица) чиешто работење подлежи на надзор согласно со законот, како управно-надзорни мерки издадени се вкупно 844 решенија со наредба за преземање мерки и дејствија заради отстранување во определен рок на утврдените недостатоци од аспект на примена на одредбата од законот, односно објавените текстови задолжително да се лекторираат на македонски литературен јазик и неговото кирилско писмо. Во овој период, од страна на инспекторите за култура поднесени се вкупно 92 барања за поведување прекршочна постапка до надлежните судови на целата територија на држава, за извршени повреди на одредбите од законот, а во постапката за порамнување согласно со Законот за прекршоците издадени се вкупно 106 платни налози“, велат од Министерството.

Ова, дополнуваат од Министерството, практично значи дека од 92 барања за поведување прекршочна постапка за прекршување на Законот за употреба на македонскиот јазик во последниве 13 години, има само една пресуда.

Според истражувањето што го направивме, очигледно е дека лектори и стручни јазични соработници се насушно потребни. Практиката го покажува тоа. Сепак, не само лектори по државните институции, туку малку повеќе писменост на нашите академски образовани граѓани не е на одмет. Доколку некоја личност се вработила во државна институција и една од нејзините работни задачи подразбира пишување текст со којшто институцијата ѝ се обраќа на јавноста, којшто е официјален и присутен во виртуелниот простор и на медиумите, недозволиво е таа личност да биде елементарно неписмена или негрижлива во однос на јазикот, а со самото тоа и неспособна за должноста за која е платена.

(Оваа содржина ја изработија А1.он и Само прашај на Институтот за комуникациски студии како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество)

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

Орце Костов

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Мојсова-Чепишевска: Уште утре треба да почне новото поглавје на развојот на македонистиката во Риека

Ана Ололовска

Институции и културно-историски знаменитости вечерва ќе бидат обоени во чест на македонскиот јазик

Ана Ололовска

Чествување на македонскиот јазик во УКИМ, доделени признанија за придонес за афирмација на македонистиката