Институциите го кријат имотот кој го понудил ексгереналниот секретар, Драги Рашковски, за да излезе од притвор, а е во вредност половина милион евра. Судот смета дека на ова прашање треба да одговори Обвинителството, а од таму, посочуваат одговорите да се бараат од судот. Така, ниту една од двете институции кои го знаат видот на имотот понуден од Рашковски, не го кажуваат во јавност. Според анкетниот лист кој Рашковски го поднел Антикорупциска, тој и неговото семејство немаат имот вреден половина милион евра, туку од скоро над 317 илјади евра. Најголем дел е во сопственост на неговите деца. Кој гарантирал со дополнителни 183 илјади евра, засега никој не открива.
Од Обвинителството, не одговорија дали Рашковски за својата слобода гарантирал и со земјоделските земјишта во Струмица и Побожје, станот во Скопје, моторите и автомобилите, како и депозитите на децата. И покрај укажувањата од „А1он“ до Обвинителството дека тие претходно дадоа конкретни податоци за тоа од што се состои гаранцијата на Сашо Мијалков вредна 10.8 милиони евра, тие не испратија никаков одговор на прашањата во кои детално беше наведен имотот.
„Вишото јавно обвинителство Скопје инфорира дека гаранцијата понудена од обвинетиот Д.Р. се состои од движен и недвижен имот. За повеќе детли обратете се во надлежниот суд“, одговорија оттаму за „А1он“.
Кривичниот суд, со сличен одговор. Тие сметаат дека видот на имотот и парите кои ги нуди Рашковски за да добие слобода, треба да ги каже Обвинителството.
„Со оглед дека судот согласно законските одредби по однос на гаранцијата одлучува на нејавна седница, не сме во можност да ви дадеме податоци за видот на имот и парични средства понудени како гаранција од лицето Драги Рашковски. Ве упатуваме за повеќе информации во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и кај одбраната на лицето која го поднела предлогот за гаранција“, велат од Кривичен суд за „А1он“.
Од почетокот на јуни, Рашковски од затворот во Шутка, е пренесен во домашен притвор. Апелација му определи полесна мерка, без да ја разгледува неговата гаранција. За гаранцијата не е одлучувано бидејќи Рашковски барал да се брани од слобода, но сепак, и натаму постои шанса да уништува траги, па така, судот одлучил дека со куќен притвор не постои само можноста да бега или да се крие.
За Рашковски се води истрага во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, поради спроведување на јавни набавки за кои обвинителот смета дека се спротивни на законите.