Шади Науф ал Салех, лицето со арапско потекло кое се најде на списокот со преживеани од автобуската несреќа што го достави софиската болница, во изјава за бугарските медиуми, вели дека нема ништо со трагичната несреќа, воопшто не бил патник во автобусот на „Беса транс“, туку само пациент во болницата.
За Бугарската национална телевизија Салех потврдува дека е бугарски државјанин, а во саботата бил примен на трауматолошкиот оддел на болницата „Пирогов“ поради скршеница на раката.
Најверојатно во клиниката по грешка го внеле во списокот со повредени во несреќата на автопатот „Струма“. Инаку, Салех веќе е отпуштен од болница.
Претходно, забуната со името на Салех на болничкиот список за преживеани предизвика многу шпекулации за тоа кој е мистериозниот осми патник кој ја преживеал несреќата.
Утрово и болницата во Софија каде што лекуваат преживеаните испрати соопштение во кое се вели дека примиле седум патници од автобусот.