Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска на прес-конференција оценија дека повлекувањето на Сашко Кедев од Здравствениот совет при Министерството за здравство претставува сериозен скандал и отвора сомнежи за начинот на кој институциите постапуваат во врска со случајот со наводните непотребни кардиохируршки интервенции.
Според изјавата на Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, оставката на Кедев е доставена до Министерството за здравство на 23 јануари, при што како причина е наведено незадоволство од започнатите контролни процеси. Дел од медиумите, како што посочи Цветановски, објавија дека меѓу забелешките е и работата на комисијата која требало да ги продолжи проверките за спорните операции на срце.
Од СДСМ укажуваат дека датумот на повлекувањето е значаен, бидејќи доаѓа два дена откако Основното јавно обвинителство, на 21 јануари, отвори предмет „по допрен глас“, поврзан со јавните настапи и наводи изнесени од доктор Жан Митрев против претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Партијата тврди дека министерот за здравство во јавноста изјавил дека оставката не е пристигната, иако, како што велат, таа била доставена на 23 јануари.
Цветановски потсети дека наводите за најголемиот скандал во македонското здравство, поврзан со непотребни операции, биле објавени уште во ноември 2025 година, при што, според СДСМ, во изминатите два и пол месеци не биле преземени конкретни чекори – не биле објавени имињата на инволвираните, ниту биле поднесени кривични пријави.
Од СДСМ сметаат дека временската поврзаност меѓу медиумските настапи, отворањето предмет во Обвинителството и повлекувањето на Кедев не е случајна и бараат одговори дали со тоа се овозможува заташкување на случајот.
„За ваков скандал никој нема право да молчи“, порачаа од СДСМ, додавајќи дека очекуваат одговорност од сите инволвирани.