СДСМ против фискалната стратегија, Јанкуловски ја брани со аргумент дека е изработена од експерти

Од:

Пратеничката група на СДСМ нема да ја поддржи фискалната стратегија 2027 – 2031. Како што истакнаа денеска пратениците Фатмир Битиќи и Сања Лукаревска во рамки на општиот претрес, наместо да се потпира на структурни промени, стратегијата базира на претпоставка дека БДП ќе расте побрзо од задолжувањето и не нуди одговор на прашањето – како ќе се амортизираат идните ценовни шокови. Според СДСМ, стратегијата е индиректно признание дека претходните проекции на Владата биле нереални.

На тоа реплицираше заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, според кој, СДСМ нема кредибилитет да и држи предавање на оваа Влада која, како што рече, шест квартали по ред обезбедува три отсто раст на БДП во просек.

– Пред нас е документ кој го нормализира отстапувањето на Владата од Законот за буџети, кој треба да ја ограничи политичката самоволност во трошењето на јавните пари. Се соочуваме со институционализирање на дефицитот како нормална состојба. Според најновите податоци од фискалниот бројач, заклучно со 21 мај, приходите изнесуваат 135,432 милијарди денари, односно 36,12 отсто од планот, додека расходите изнесуваат 165,599 милијарди денари, односно 39,98 проценти од планот. Разликата меѓу приходите и расходите веќе изнесува 30,167 милијарди денари. Ако годишно планираниот дефицит е 39 милијарди денари, тогаш до 21 мај се реализирани речиси 77 отсто од годишниот буџетски дефицит. Со овие бројки стратегијата не нуди решенија за фискалниот ризик. Владата тешко може да ја продава приказната дека фискалната состојба е стабилна и под контрола и се обидува да ја релативизира фискалната реалност. Во регионален контекст, Македонија е веќе меѓу позадолжените економии, а стратегијата не покажува движење кон суштинско раздолжување. Стратегијата не зборува никаде како ЈПДП преговара за нов долг од 300 милиони евра со домашните комерцијални банки иако јавноста ќе го дознае тоа наскоро. Македонија заслужува фискална стратегија што ќе ја гради иднината, а не што ќе ја задолжува. Од економски, политички и вредносни причини нема да ја поддржиме, нагласи Битиќи.

Дополни и дека според фискалната стратегија за 2026 година, врз основа на постоечките буџетски проекции, се предвидуваат приходи од 374,9 милијарди денари, расходи од 414,2 милијарди денари и буџетски дефицит од 39,2 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП.

– И ова е важно да се нагласи, бидејќи за 2026 година фискалната рамка веќе е поставена и се презема како основа за идните години. Токму затоа, ризикот е тековен и активен во јавните финансии и овде се појавува првата суштинска слабост на стратегијата. Законот за буџети поставува фискално правило според кое буџетскиот дефицит треба да биде ограничен на 3 отсто од бруто домашниот производ, но актуелниот буџет веќе предвидува дефицит од 3,5 проценти од БДП, а истото ниво се проектира за 2027 година. Со други зборови, стратегијата ја коригира фискалната недисциплина на оваа влада, сама ја потврдува и се обидува да ја легитимира, заклучи Битиќи.

Лукаревска оцени дека во јавниот долг се нудат оптимистички проценки, но намалувањето не се темели на драматично кратење на расходите, на суштински структурни реформи, туку на претпоставки дека БДП ќе расте побрзо од задолжувањето.

-Капиталните инвестиции имаат слаб степен на реализација, а тековните расходи – плати, субвенции, трансфери, постојано растат и се создава модел во кој државата се задолжува за да ја одржува потрошувачката, наместо да генерира долгорочен развоен ефект. Фискалната стратегија остава впечаток дека државата не планира суштинско наламување на зависноста од задолжување, туку само се надева дека економскиот раст ќе биде доволен за долгот да изгледа статистички помал, а надежта не е кономска политика, потенцира пратеничката.

Ззаменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, посочи дека фискалната стретегија е резултат на одговорното, домаќинско и чесно работење на Владата, а ја изготвиле најкомпетентните луѓе од сферата на економијата и финансиите.

Пред вас е документот – резултат на одговорното, домаќинско и чесно работење на Владата. МФ го изработи со најкомпетентните луѓе од Министерството, академската фела и МАНУ, како и со колегите од Фискалниот совет. Кој пример сте вие да и кажувате на оваа Влада што обезбедува шест квартали по ред економски раст во просек од 3 отсто раст на БДП кога од 2017 година до втор квартал од 2026 двојно го зголемивте јавниот долг со просечен раст од 1,9 отсто? Што обезбедивте вие со двојното зголемување на јавниот долг за граѓаните? Додека бвете на власт на терен беше нула, а сега поминете, видете како е – патишпта, железница, реконструкција на студентски домови, училишта,… Оваа Влада е максимално посветена на капиталните инвестиции и не плаќа глупости како солидарен данок, сега го враќаме за некои грешки што сте ги правеле во минатото. Имаме конкретни бројки на кои се гордееме, а тежнееме кон уште поголлем економски раст, и на БДП и на животниот стандард на граѓаните, истакна Јанкуловски.

По завршувањето на општата расправа за фискалната стратегија, пратениците ја почнаа расправата по Предлог-законот за задолжување со заем од 260 милиони евра.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Стратегија Македонија 2030 со шест носечки стожери за безбедна, стабилна, економски и технолошки развиена држава

Горан Наумовски

Пратениците ја изгласаа Фискална стратегија на Република Македонија за 2026 – 2030 година

Горан Наумовски

Усвоена Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година

А1он

Ковачевски: Мицкоски станува сабајле и вика јас сега ќе блокирам, тоа е стратегија на опозицијата

А1он

САД со нова стратегија, МНР објаснува: Ќе не штитат од злобното влијание на Русија и Кина

A1on

Нов пункт во Скопје за „Фискална во рака – награди без мака“

Емир Латифовиќ