„Според Проектот за изградба на фекалната канализација која треба да го поврзе селото Мешеишта со Колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро, која е во тек и кој се финансира со средствата од заемот од Светска банка трасата на канализационата мрежа требаше да поминува во самото подножје на заштитниот насип од регулираниот канал на реката Сатеска. Од приклучокот во колекторот се до пред селото Требеништа се копаше според проектот, во подножјето на насипот, а во понатамошната делница од сосема непознати причини трасата е изменета и се копа по самиот заштитен насип. Сосема нејасно е зошто е изменета трасата, ако се има во предвид дека и земјиштето во подножјето на насипот и уште три-четири метри од него се дел од насипот, односно се сопственост на Република Македонија.
Изведувачот на работите, градежната фирма “ Бокоп” Боровец копа ровови длабоки 3-4 метри и земјата што ја вади ја депонира во самиот канал, а делницата каде е завршено копањето и се поставени цевките воопшто не е зарамнета и уредена.
Оттаму, сосема оправдано се поставува прашањето зошто е изместена трасата и кој воопшто одобрил, ако одобрил, да се копа по самиот заштитен насип, кој претставува посебен водостопански објект. Дали за тоа се информирани надлежните од АД “Водостопанството на РМ”, чиј водостопански објект е каналот.
Со ваквите градежни активности се постапува спротивно на одредбите од член 167 од Законот за водите според кои заради заштита и спречување на оштетувања на водостопански објекти се забранува да се изведуваат градби или да се вршат градби со кои се загрозува стабилноста на насипите, да се копаат прокопи и паралелни канали по должина на насипот, како и да се вршат други работи со кои се оштетуваат водостопанските објекти.
Преземањето на ваквите градежни активности директно ја доведува во прашање стабилноста и водонепропустливоста на самиот заштитен насип, а кое нешто може да има големи штетни последици во случај на надоаѓање на поголеми количества на вода по каналот.
Ценејќи ја за оправдана загриженоста на граѓаните на Волино бараме објаснување од надлежните во општината, како и за изведувањето на градежните работи по самиот канал да се произнесе АД “Водостопанството на РМ”, а надлежниот водостопански инспектор, согласно своите надлежности од член 230 од Законот за водите да утврди дали во конкретниов случај се почитуваат забраните од членот 167 од Законот за водите.
Ова од причина, што безбедноста на луѓето и нивниот имот се од првостепено значење“, се вели во соопштението на СДСМ Дебарца.