Од денеска до 20 јуни ќе се спроведе он-лајн иницијативата „Сакам да…“ преку која ќе се претстават предизвиците и заложбите на децата и родителите од ромските заедници и ќе се промовира важноста од еднаков пристап до образование за Ромите.
Во оваа он-лајн иницијатива секојдневно ќе се објавуваат пораките на официјалната интернет страница и социјалните медиуми на Фондацијата „Чекор по чекор“ и партнерските организации ЗЦОП „Дендо Вас“ и ЦСИ „Надеж“.
– Условите во кои живеат Ромите во доминантно ромските заедници во Македонија можеби се потешки, но тие ги имаат истите желби и интереси како сите ние. Сите сакаме добри услови за образование, стабилна работа, чиста животна средина, квалитетна храна и добро здравје. Токму затоа, во оваа кампања им отстапуваме простор на децата и родителите од Шуто Оризари и Ѓорче Петров кои со нас ги споделија своите желби за подобро образование и поквалитетен живот, а целта ни е да ја запознаеме и сензибилизираме целата јавност со нивните заложби и желби и да придонесеме за надминување на предрасудите и стереотипите кои сѐ уште постојат во нашето општество, посочува Елена Мишиќ, менаџер на Проектот за зајакнување на капацитетите и свеста за демократија кај Ромите преку образование.
Досега во рамки на Кампањата за важноста од еднаков пристап до образование за Ромите беа спроведени тркалезни маси во општина Ѓорче Петров, Куманово, Прилеп, Битола, а во јуни следува тркалезна маса и во општина Шуто Оризари. Исто така, беа подготвени и пет сликовници во двојазичен формат – македонски и ромски, кои се достапни во електронска и во печатена форма ќе се дистрибуираат во невладини организации и центри кои работат со Роми и во училиштата каде учат деца Роми.
Проектот за зајакнување на капацитетите и свеста за демократија кај Ромитепреку образование , во чии рамки се спроведува и оваа он-лајн иницијатива е финансиран од Европската Унија и Програмата за поддршка на родители на Фондациите отворено општество.
Проектот има за цел подобрување на состојбата на Ромите, која често се карактеризира со несоодветни образовни постигања, недостаток на знаења и вештини неопходни за вработување и подобрување на квалитетот на животот во домот и заедницата и на финансиската состојба. Проектот содржи активности за подобрување на предзнаењата и подготвеноста на децата на предучилишна возраст, подобрување на учењето и постигањата на децата кои посетуваат основно училиште, степенот на писменост кај жените и за подобрување на родителските вештини и информираност на жените Ромки и ромските семејства.