„Додека пешаците се најранлива категорија учесници во сообраќајот, возачите, пак, се оние кои најчесто предизвикуваат или учествуваат во сообраќајна незгода. Зимата и зимските услови на патиштата предизвикуваат сериозни проблеми, како за возачите, така и за пешаците.
Во зима, времето е студено, денот е пократок, а појавата на магла е зачестена и значително е намалена видливоста на патиштата. Во вакви временски прилики, кога улиците и тротоарите се лизгави, а утринските и дневните температури се во минус, најзагрозени во сообраќајот се пешаците – нивното движење станува опасно и отежнато. Без разлика дали се движат на тротоар, на пешачки премин или преминуваат преку улица, сепак тие се најподложни на повреди. Секојдневно страдаат голем број пешаци независно од нивната возраст, пол или способност, а најчесто повредени пешаци се повозрасните луѓе“, соопштуваат од РСБСП.
Водејќи се од ваквата состојба, РСБСП ги советува пешаците како безбедно да учествуваат во сообраќајот:
1. Оставете го мобилниот телефон додека се движите – рассеаното движење е опасно!
2. Останете видливи и дење и ноќе! Носете светла, рефлектирачка облека или предмети. Додадете рефлектирачка лепенка или елек на вашата јакна или торба.
3. Носете соодветни и добро одржувани обувки за да го намалите ризикот од паѓање на лизгавите површини.
4. Планирајте ги вашите излегувања или состаноци. Обидете се да бидете надвор додека е ден и додека се добри временските услови. Оставете си повеќе време кога патувате во текот на зимата, така што нема да мора да „стрелате“ низ сообраќајот за да го фатите автобусот!
5. Избегнувајте да носите работи поради кои би можеле да го изгубите балансот додека одите.
6. Преминувајте ја улицата само на обележан премин. Никако не претрчувајте и не ја поминувајте улицата надвор од обележан пешачки премин.
7. Остварете контакт со очи со возачот на возилото што доаѓа кон вас. Почекајте додека не поминат сите возила, пред да тргнете по улицата.
8. Држете ја главата горе и внимателно следете го сообраќајот! Не дозволувајте нешто друго да ви го одвлече вниманието. Имајте во предвид дека: на замрзнати коловози, возачите се соочуваат со сериозни предизвици и дека во такви услови, потешко се запира возилото, односно неговиот сопирачки пат е подолг.
Во зимски сообраќајни услови, покрај внимателноста на пешаците, задолжителна е и апсолутната внимателност и одговорност на возачите, особено кон ранливите категории учесници во сообраќајот (пешаци и велосипедисти). Во зима, условите за возање се двојно отежнати, затоа РСБСП со потсетување на неколкуте важни работи што треба да ги почитува секој возач во зимски услови на возење:
1. Пред да тргнете на пат, проверете ја временската прогноза.
2. Задолжително вклучете ги светлата за да ја зголемите видливоста за другите возачи.
3. Резервоарот со гориво, секогаш нека биде барем половина полн.
4. Внимавајте течност за чистење на шофершајбната (ветробранското стакло), секогаш да има доволно.
5. Возете побавно и држете растојание. Вашата брзина треба да се прилагоди кон временските услови, условите на патот и да одговара на протокот на сообраќај.
6. Избегнувајте одвлекување на вниманието и не го користете мобилниот телефон додека возите. Вашиот целосен фокус треба да биде на патот.
7. Имајте зимски сет во вашиот автомобил. Комплетот треба да содржи најмалку кабли за стартување на возилото, спреј за одмрзнување на брави, полнач за мобилен трелефон, ќебиња, фенерче, вода, прибор за прва помош.
8. Ако се заглавите, вклучете ги трепкачите, поставете рефлектирачки триаголник на патот, ако има големи наноси на снег за означување на возилото може да закачите обоена ткаенина на антената. Останете во возилото додека не дојде помош.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите, во зимски услови да го прилагодат возењето спрема временските услови и условите на патот, да ги почитуваат пешаците и да се погрижат за нивната безбедност во сообраќајот.
Пешаците, исто така, треба добро да проценат кога ќе тргнат да ја преминуваат улицата затоа што коловозите се замрзнати и на возачите ѝм треба повеќе време и простор безбедно да го запрат возилото.
Со правилно и безбедно однесување во сообраќајот, водете грижа за себе и за останатите учесници во сообраќајот.