„Не си фраер ако загинеш на матура!“, „Покажи ја матурата на дело!“, „На матурска прослава, без автомобил!“ се пораките со кои Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата им ја честита матурата на сите матуранти.
Од РСБСП, укажуваат дека никој не го оспорува значењето на матурата за секој матурант, за неговото семејство, за неговите најблиски, но дека загрижува начинот на кој се прославуваат матурските вечери: се организираат автомобилски трки, се управува моторно возило без возачка дозвола, се управува моторно возило под дејство на алкохол, се беснее по улиците, се прават фотографии и видео записи и се постираат „луди Фејсбук статуси“ додека се управува со возилото.
Ова, според РСБСП, дефинитивно не е вистинскиот начин да се демонстрира матурата на дело.
– Сообраќајната статистика и искуствата од минатите години, покажуваат дека во деновите кога се организираат матурските прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во незгодите се млади луѓе – матуранти, кои најчесто во незгодите завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот млад живот. Одговорноста за девијантното однесување на дел од матурантите во сообраќајот е првенствено кај младите, но и кај нивните родители, се вели во пораката од РСБСП.
Во пресрет на матурските прослави, РСБСП апелира, најпрвин до родителите: Постојат многу начини на кој може да им ја честитате матурата на вашите најмили. Отстапувањето на семејниот автомобил е најлошиот и најопасниот начин да им покажете на децата колку ви значи нивната матура. Не им дозволувајте на своите деца да одат на матурската прослава со семејниот автомобил, и не им дозволувајте да бидат возени од друг матурант. Грешките во сообраќајот може да бидат фатални и да се каете за сторената грешка целиот живот, но за жал тогаш ќе биде веќе премногу касно и нема да може ништо да се промени.
Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека сообраќајните незгоди претставуваат една од водечките причини за смртност кај младите луѓе. Годишно, во светот, околу 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди. Тоа значи, секој ден околу 1.100 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди. Слични и загрижувачки се состојбите и во Република Северна Македонија.
РСБСП им ја честита матурата на сите матуранти и апелира „на матурска прослава заминете без автомобил, прославете весело, среќно и достоинствено“.