РСБСП: Да ја унапредиме културата во сообраќајот, преку личен пример да придонесеме за побезбеден сообраќај

Од:

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска по повод 11 Мај – Ден на културата во сообраќајот испраќа апел за унапредување на културата во сообраќајот, промена на лошите навики. Да почнеме секој од самиот себе и преку личен пример и позитивен придонес да дадеме поддршка за побезбеден сообраќај. Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден, апелираат од РСБСП.

-Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесници во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, се вели во денешното соопштение од РСБСП.

Оттаму нагласуваат дека сообраќајната култура е дел од општата социјална култура. Градењето сообраќајна култура, велат, е континуиран процес, кој започнува од мали нозе.

-Самиот процес на едукација, односно самиот процес на градење на сообраќајна култура е далеку полесен процес од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот, стои во соопштението.

Според РСБСП, семејството и воспитно-образовните институции имаат важна улога во развивањето на сообраќајната култура на децата.

-Односот на родителот во сообраќајот, без разлика дали е во улога на пешак или возач на возило во кое се вози и детето, како и почитувањето на сообраќајните правила од страна на возрасните, има големо влијание во развивање на сообраќајната култура на детето како учесник во сообраќајот. Бидете позитивен пример за децата во сообраќајот и на тој начин заштитете ги децата од повреди и загуби во сообраќајот, сега и во иднина, посочуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според РСБСП, карактеристично е тоа што во земјава најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал, како што нлагласуваат оттаму, речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајки дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кој сите ние партиципираме.

-Последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни и наша заедничка обврска, општ и заеднички интерес на сите граѓани, е да се издигне сообраќајната култура на повисоко ниво. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата, се вели во соопштението.

Сообраќајна култура, како што нагласуваат од РСБСП, значи да се однесувате во сообраќајот водени од мотото дека секој има право да се движи безбедно во сообраќајот и секој има обврска да придонесува за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, сообраќајните правила и прописи важат за сите и сите се должни максимално, целосно и безусловно да ги почитуваат. Сообраќајните правила и прописи, нагласуваат оттаму, постојат за да не заштитат сите нас. Децата, потенцираат од РСБСП, се нашето богатство, децата се наша иднина и треба да ги зачуваме од повреди и загуби во сообраќајот.

Денот на културата во сообраќајот е воспоставен со поддршка на Светската здравствена организација на 11 мај 2015 година, во Унгарија, кога за првпат е организиран настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот. Овој настан, велат од РСБСП, прерасна во традиционална манифестација позната како „Ден на културата во сообраќајот“.

Би можело да ве интересира

Возачите да бидат внимателни во близина на воспитно-образовните установи, апелира советот за безбедност во сообраќајот

МВР: Значително намален бројот на жртви во сообраќајот

ВИДЕО: МВР и РСБСП со кампања за зголемена безбедност во сообраќајот

Ана Ололовска

РСБСП: Промоција на прирачник за возачи почетници

Ана Ололовска

РСБСП: На матурска прослава без автомобил

Ана Ололовска

РСБСП: Лани во земјава во сообраќајки загинале 125 лица

Ана Ололовска