РСБСП: Биди одговорен возач и почитувај ги правилата за ограничување на брзината

Од:

Брзината и брзото возење се критичен ризик-фактор за предизвикување на сообраќајни незгоди со повредени и загинати лица. Секое стискање на педалата за гас значи и повеќекратно зголемување на ризикот и опасностите за предизвикување на сообраќајна незгода со тешки последици.

Околу 40% од сообраќајните незгоди со загинати лица случени на територијата на Република Македонија се предизвикани од возење со брзина поголема од дозволената. Во 2016 година , 1260 лица се здобиле со телесни повреди или со тешки телесни повреди, а 69 лица – нечии мајки, татковци, синови и ќерки – ги загубиле животите како последица на брзото возење. Слична е состојбата и во 2017 година.

Се поставува прашањето: Дали и зошто возачите ја потценуваат сериозноста и опасноста од брзото возење?

Истражувањето на РСБСП покажува дека 86 % од возачите некогаш ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината. Најголем дел од возачите си земаат за слобода да не ги почитуваат сообраќајните знаци за ограничување на брзината затоа што сметаат дека:

• Минимално пречекорување на брзината (20 или 30 км/ч) нема да ја загрози безбедноста на сообраќајот
• Мислат дека таквото однесување е во ред и дека нема да бидат казнети
• Постојано каснат и брзаат да стигнат на одредена- договорена локација
• Се расејуваат и не обрнуваат внимание на брзината
• Ги преценуваат своите возачки вештини и мислат дека возат безбедно
• Немаат сообраќајна култура и дисциплина на почитување на сообраќајните знаци

Колку и да се бараат оправдувања и причини за непочитување на правилата за ограничување на брзината, вистината е дека секое пречекорување на дозволената брзина претставува закана за животот и здравјето на учесниците во сообраќајот. Токму затоа, РСБСП апелира до возачите да бидат максимално одговорни и дисциплинирани и целосно да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината . Секое пречекорување на брзината значи и чекор поблиску до фатална незгода. Мислете навреме, намалете ја брзината благовремено, да не се каете и да не жалите цел живот.

Почитувањето на сообраќајните правила е гаранција за безбеден сообраќај, затоа РСБСП со потсетување за најважните правила кои се однесуваат на брзината на возење:

• Возачот е должен брзината на движењето на возилото да ја приспособува кон својствата состојба и кон состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, на начин да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадените услови може да ја предвиди.

• Возачот чие возило заради техничката состојба, состојбата на товарот или други причини не е во состојба да ја следи утврдената брзина на движење на возилата на патот и со тоа го попречува нормалното одвивање на сообраќајот, а заради непостоење на услови за безбедно престигнување се создава колона на возила, е должен да вози по крајната десна страна на коловозот, а ако и тоа не е доволно должен е да го запре возилото на првото погодно место надвор од коловозот за да ги пропушти возилата што се движат зад него.

• Возачот на возилo кое заради техничката состојба, состојбата на товарот или други причини не е во состојба да ја следи утврдената брзина на движење на возилата на патот , и се движи со помала брзина од половината на најголемата дозволена брзина определена според видот на патот или дел од патот, е должен да ги вклучи сите покажувачи на правецот или жолтото ротационо светло.

• Возачот не смее да го менува начинот на управување со возилото со нагло намалување или зголемување на брзината на движењето и да го стартува возилото постигнувајќи притоа горна граница над дозволениот број вртежи на моторот, односно пролизгување на погонските тркала, освен во случај на непосредна опасност.

• Возачот кој е со намера значително да ја намали брзината на движењето на возилото, е должен тоа да го стори, освен во случај на непосредна опасност, на начин со кој нема да го загрозува или во поголема мера да ги попречува другите возачи што се движат зад него, како и да ги предупреди тие возачи за својата намера со вклучување на стоп-светлото или со давање на соодветен знак со раката.

• На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 50 km/h, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за определен негов дел. Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 50 km/h над дозволената брзина. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.

• Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 50 негативни бода на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h, над дозволената брзина. Покрај тоа на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.

• Глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 km/h над дозволената брзина.

• Глоба во износ од 10 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода на возач кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 km/h над дозволената брзина.

• На јавен пат надвор од населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од:
– 130 km/h на автопат;
– 110 km/h на пат резервиран за сообраќај на моторни возила
– 90 km/h на други патишта
• На патот надвор од населено место возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од брзината определена со сообраќајниот знак поставен на патот.

• Парична санкција во восина од 400 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода, на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 70 km/h над дозволената брзина . Покрај тоа на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци.
• Парична санкција во износ од 300 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 50 негативни бода на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 50 до 70 km/h над дозволената брзина и ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци.
• Парична санкција од 45 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h над дозволената брзина.
• Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема до 30 km/h над дозволената брзина.

Санкциите за неопочитување на правилата за ограничување на брзината во и надвор од населено место се големи, но онаа што е најважно е возачите да сватат дека тие се намемети за неодговорните возачи и имаат за цел да спасат човечки живот.

РСБСП со апел: Биди одговорен возач и почитувај ги правилата за ограничување на брзината

Би можело да ве интересира

„Не користи мобилен телефон додека возиш“: Кампања на РСБСП

A1on

Возачите да бидат внимателни во близина на воспитно-образовните установи, апелира советот за безбедност во сообраќајот

МВР: Значително намален бројот на жртви во сообраќајот

ВИДЕО: МВР и РСБСП со кампања за зголемена безбедност во сообраќајот

Ана Ололовска

РСБСП: Промоција на прирачник за возачи почетници

Ана Ололовска

РСБСП: На матурска прослава без автомобил

Ана Ололовска