Уште десет денови трае можноста за аплицирање на јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2017 година, признание што го доделува претседателот Ѓорге Иванов.
Јавниот повик е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати. Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиено награда или признание за научно-истражувачка работа, резултатите од научно-истражувачката работа да се објавени и применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2017 година.
Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.
Признанието беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов.
Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2017 година со кои се конкурира (во еден печатен и еден електронски примерок – CD) и доказ за државјанство на Република Македонија. Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31 декември.