Анета Томева, директор на Центарот за социјални работи во Штип. Роднина на Соња Тарчуловска, сопругата на Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е само едно од имињата кое техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, без потпис од заменичката Санела Шкријељ ги назначила за нови директори во центрите. Нови директори добија и меѓуопштинските центри за социјална работа во Битола, Пробиштип, Валандово, Прилеп и Радовиш.
Повеќето се партиски кадри од ВМРО-ДПМНЕ, а на вчерашната седница Владата донесе одлука да ги поништи овие решенија, со оглед на тоа што тие биле донесени без потписот од дополнителната заменичка министерка Шкријељ.
За директор на Центарот за социјални работи во Валандово, Мизрахи го именувала Драги Ѓеоргиев, за кој може да се види дека е партиски кадар од опозициската партија.
Со Центарот за социјални работи во Штип, според Мизрахи, требало да директорува Дејан Здравков, човек за кој од социјалните мрежи може да се види дека е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој го промовираше настапот на поранешниот премиер Никола Груевски пред Државната изборна комисија во 2016, кога беше прогласена „ноќта на долгите ножеви“, а тој објави војна со „соросизацијата“.
Зоран Малкоски од страна на Мизрахи беше назначен да раководи со Центарот за социјални работи во Прилеп. Токму на Фејсбук профилот на Малкоски може да се види како се споделуваат спомени од 24 декември 2012 – дента кога пратениците од тогашната опозиција, а и новинарите беа насилно отстранети од седницата на Собранието на која се расправаше за буџетот за 2013 година, настан кој предизвика голема политичка криза во чие надминување мораше да се инволвира ЕУ и други меѓународни фактори.
Завчера, Мизрахи изјави дека поголем дел од Центрите за социјална работа под МТСП извесно време функционираат со вршители на должност наместо со директори.
„За жал, со изгласување на новиот владин состав, односно со именувањето на Рашела Мизрахи за министер во МТСП, како и на Санела Шкријељ како дополнителен заменик-министер, одреден дел од в.д. директорите создаваат дисфункција на системот со нивно отсуство, но и заради намерни пропусти и неизвршувањето на работните задачи. Зад сиот процес на создавање тешкотии во организацијата на севкупниот процес на работа, за жал, стои политичка мотивација на дел од в.д. директорите, но и евидентниот притисок од дополнителниот заменик-министер во МТСП“, рече таа.
По ова, следуваше реакција од заменичката Шкријељ, која изјави дека „Мизрахи преку обидот за разрешување на неколку в.д. директори директно сака да ги партизира Центрите за социјални работи и предизборно да купува гласови за ВМРО-ДПМНЕ од најранливите“.
Мизрахи ги разреши постојните в.д. директори во центрите во Штип, Битола, Пробиштип, Валандово, Прилеп и Радовиш и постави нови, но Владата на вчерашната седница ги поништи овие решенија.