Доказите кои премиерот Зоран Заев ги покажал на родителите на децата кои беа убиени кај Смилковското Езеро во 2012 година, да ги достави до судот, денеска побара Горан Наќески, таткото на убиениот Александар Наќески, по одложувањето на рочиштето.
– Кога бев кај Заев ни вети дека ќе ги даде петте државни тајни, односно тоа се транскрипти од броеви на финкционери на ДУИ. Ни покажа и транскрипт од разговор воден помеѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта со обвинетиот Фејзи Азири, кажа Наќески пред судот и побара неговиот исказ да влезе во записник.
Тој побара од судот да се изврши претрес во СДСМ и да се одземат овие документи, како и стражарно приведување на Заев, за, како што рече, во судот да се соочи со сите родители.
Премиерот Заев, според Наќески, на родителите им кажал и дека возилото со кое се превезувале извршителите, Опел омегата, е на МВР, аико од роднини и пријатели во полицијата им било кажано дека такво возило немало кај „Алфите“.
Одложувањето на денешното рочиште беше поради болест на обвинетиот Фејзи Азирим, по што адвикатката на родителите на децата Дафина Ивановска рече дека одложувањето не е со соодветна документација, а направи паралела со здравствената состојба на родителите која е нарушена и дека цело време се со лекарства но, како што рече, сепак доаѓаат на секое судење.
Адвокатот на обвинетите Насер Рауфи појасни дека ова е прво барање за одлагање од страна на обвинетите по 50 расправи за овој предмет.
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека ова е прво рочиште на кое СЈО се јавува како овластен тужител во оваа постапка и според неа, јасно е дека интересот на јавноста за детали од случајот е огромен.
– До вистината може да се стигне може да се стигне само преку една нова и фер постапка. Во таа насока ве уверувам дека СЈО ќе ги искористи сите човечки, технички и материјални ресурси за да ја утврди вистината, порача Фетаи.
Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.