Роди дете и остави го пред министерството, во секое време 24/7

Од:

Време е за кампањата „роди дете и остави го пред министерството, во секое време 24/7…“ Средината за живеење, која ни ја креираат овие „борци“ за наталитет, нé присилува за миг и ние да го проколнеме денот кога сме се родиле, а не да креираме нови животи, но за тоа се молчи нели?

Жените веќе векови наназад се борат за правото сами да одлучуваат за своето репродуктивно здравје, сметајќи дека токму тие се оние кои можaт да ја донесат најисправната одлука за своето тело.

Токму правото на абортус, на решавање на бројот на деца, кој ќе го имаат во животот, е фундаменталниот плод кој го дала оваа вековна борба. Аналитичарите тврдат дека за да одгледаш дете, пред сé треба да го сакаш, да бидеш психички и физички подготвен за тоа, да имаш услови да го одгледаш и да му дозволиш достоинствен живот и напредок. Но, што кога 80% од овие услови не се исполнети?

Абортусот е процес кој негативно влијае физички и психички за жената. Абортусот пред сé е одлука која жената многу тешко ја донесува, водејќи се по својот мајчински инстинкт-да се остави дел од себе.

Тоа е траг кој останува вечно со неа. Па, треба ли оваа трага да се направи подлабока, со креирањето на патека која ќе води низ разни канцеларии, пред разни комисии, за да таа добие дозвола да не раѓа?

Дете и од авантура за една ноќ?!

Ерата во која живееме е онаа која дозволува максимално уживање во сексуалната слобода, во која децата го започнуваат сексуалното уживање уште на 12 години и во која честа, моралот и верноста се одамна прегазени. Токму оваа ера на неверства, кратки љубовни врски и сексуални егзибиции е онаа која го зголемува бројот на сексуално преносливи болести, но и бројот на легални и нелегални абортуси, кои најчесто ги прават малолетниците.

Токму ова треба да нé освести, да ни покаже дека борбата за зголемен наталитет е во ред, но не за било каков, за деца кои ќе живеет однапред уништен живот, кој ќе ги разори животите на неговите создатели, на нивните семејства.

Па, зарем не е подобро наместо комисии за абортус, за дозволување, наместо пропаганди дека се убива живот, да постојат кампањи за заштита на нашиот живот, на нашето сексуално здравје, на репродуктивно планирање.

Научниците одамна апелираат за воведување на сексуално образование во училишниот систем, кое ќе им помогне на децата да донесуваат паметни одлуки кога станува збор за своето тело, но и кои ќе им ја прикажат штетата која си ја нанесуваат со водењето љубов незаштитени и од нелегалните абортуси. Но, тоа никако не се воведува. Параванот на верност, достоинство, табуата кои ни го раководат општеството како да не дозволуваат да се говори на овие теми, па децата прават деца?
Токму малолетниците и младите адолесценти ќе бидат оние кои први ќе се најдат пред второстепената комисија, која треба да одлучи за нивниот абортус, токму поради своето неискуство, недостатокот на знаења кои ќе им го одземат ценетото време кое е потребно според новите правила на игра за абортирање.

Како овие деца кои сосема несовесно стигнале до гинеколог со молба за абортус, со дозвола од старател, како тие да се појават на второстепена комисија, кога доволно имаат трауми и од самиот чин, од сплетот на околности?

Токму тие ќе бидат оние кои ќе абортираат во несоодветни услови, кај лекари без лиценца, изложувајќи го својот живот на опасност, загрозувајќи ја својата плодност, само за да ги избегнат сите испрашувања, евиденции, контроли, лоши погледи.

Покрај евиденциите, контролите, па и недостатокот на сексуално образование кое го имаат за да ги донесат исправните одлуки, овие млади ќе немаат ниту соодветна нега, зошто ќе станат злосторници, чедоморци, кои ќе треба да платат глоба за својата грешка и за обидот да не дозволат целиот живот да им се спушти по еден вртоглав тобоган.

Но, не само децата, повеќе ниту возрасните не внимаваат на својата верност, искреност, не го почитуваат партнерот. Па, аферите и неверствата се најчестите причини за посетување на судот во бракоразводните постапки кои станаа еден вид на „happy end“ за македонските бракови. Токму овие нивни авантури креираат плод, дете кое ако се роди ќе биде однапред жигосано дека е вонбрачно или пак ќе израсне во семејство исполнето со насилство и навреди, кои потсетуваат на начинот на кој е зачнато. Па, треба ли ваквите плодови по секоја цена да се задржуваат?
Имај трето дете. Не сакаш? Е па мораш!

Постојано се апелира за зголемување на наталитетот во државата, за намалениот број на новороденчиња кои прогледуваат токму на ова парче земја под сонцето, но и за тоа дека станува земја на старци, кои не можат да и’ овозможат никаков напредок и сигурна иднина.
Па кампањите за трето, четврто, петто дете влегоа речиси во секој дом. Паричните награди, пензиите- се само дел од стимулансите кои се употребија, но сепак не го дадоа саканиот резултат. Мал е бројот на жени кои се решаваат да имаат многудетно семејство кога со својот сопруг работат за минималната плата од 8.000 денари, кога и својата прва рожба не знаат како да ја прехранат.

Не само абортусот е причинител за падот на наталитетот. Луѓето самите свесни за лошата економска состојба во која живеат, максимално го контролираат своето репродуктивно здравје. Но за подобрување на оваа состојба, а со тоа и за раст на наталитетот никој речиси и да не зборува, за тоа нема кампањи и закони.

Но, сепак приватноста која треба секој граѓанин да ја има кога станува збор за неговите одлуки, неговиот живот, неговото тело, владата одамна ја нарушила со разни кампањи кои му диктираат што и како да прави. Па, полека но сигурно ја губи и приватноста на својот дом, на својата брачна постела, па му се советува како да има повеќе деца, но никој не му советува како да ги изгледа и воспита тие деца во ова време кога сé се врти околу парите, кои сé помалку ги има во Македонија.

Систем „Чаушеску“

Ситуацијата наликува на онаа во Романија, во времето на Чаушеску, каде секоја бременост била контролирана. Тоа доаѓа и кај нас полека, но сигурно, контролирање на мислите, вработувањето, политичката определба, сега комисиско контролирање и на бременоста.

 Деновиве беа жестоки дебатите за абортусот, за комисиите за правото жената да одлучи дали сака принова или не и дали со своите постапки се свртува во графата убијци. Слушавме и како три капки вода на Марс значат живот, а во женската утроба 300 клетки се убиваат за миг, се одзема живот. Но, никаде не слушнавме како ќе се прехрани овој живот?

Зарем жените не се оние кои најдобро знаат дали нивниот семеен буџет може да издржи уште една принова, дали односите со сопругот, топлината на домот- се соодветни за одгледување на уште едно мало и нежно суштество?

Како треба да изгледа барањето кое „неодговорната жена“, која сака да стане убиец на плод треба да го поднесе до комисијата, ве молам да абортирам затоа што немам сопруг, немам доволно средства да го прехранам ова дете во мене?

Какви се тие три денови кои и’ се даваат на жената да размисли добро дали сака да го абортира својот плод? Зошто владата не зеде три денови да размисли дали треба воопшто  да навлегува во приватноста на жените?

Средината за живеење, која ни ја креираат овие „борци“ за наталитет, нé присилува за миг и ние да го проколнеме денот кога сме се родиле, а не да креираме нови животи, но за тоа се молчи нели?

Токму оваа политика на наталитет ни ја создаде и политиката на дискриминација на секое ниво. И во паркот повеќе децата не си играат заедно, не се дружат, ниту пак слават родендени заедно. Траките се оние кои цврсто го обележуваат просторот во кој си играат тие, а во кој ние. Па како да се роди дете кое ќе биде однапред обележано, во семејство кое се бори за денарот, во кое мирот не доаѓа ниту во соништата, кои најчесто се неостварени поради погрешната политичка припадност, погрешните мисли и идеи?

Но, дали во законот може да се стави и една потточка, кога веќе министерот индиректно преку својата второстепена партизирана комисија одлучува за прекинот на нечија бременост, да отвори центар каде секоја мајка ќе може да го остави своето дете кое се родило поради тоа  што тој мислел дека така треба. Па, зарем треба да се осуди некој на живот, без соодветни услови за истиот? Сигурно министерот и за тоа има решение, затоа време е за кампањата „роди дете (зошто мораш) и остави го пред министерството, во секое време…“

Автор: Наташа Димеска

Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“.

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска