Никола Груевски ја прими пораката од граѓаните на Центар, курдиса нови десет споменици и поднесе 49 жалби за нивното гласање, пишува Ерол Ризаов, во колумна во Утрински весник.
„Главниот јунак на овие комунални избори е старецот од улицата „Максим Ѓорѓи“ од центарот на Скопје. Овој сирот чичко донесен од Пустец во престолнината на Македонија да гласа веројатно не ни знае дека стана симбол што му го расипа триумфот на Никола Груевски на локалните избори. Го беа обиколиле скопските новинари човекот на чие лице се чита бедата, па го прашуваат каде живее. Стаписан сиромавиот, си ја заборави новата адреса на која никогаш веројатно не ни бил, па место Максим Горки рече Максим Ѓорѓи. Мене тоа ми изгледаше многу тажно, иако повеќемина во моја близина кога го видоа и слушнаа тоа, слатко се изнасмеаја“, пишува Ризаов.
Посочува дека скандалот Пустец стави голема морална флека на овие избори.
„Мислам дека чесната победа во Скопје и во 40 македонски општини ќе беше многу послатка и позначајна за ВМРО-ДПМНЕ и за Груевски отколку сомнителниот триумф во 56 општини. Купената победа не е победа. Тоа е данокот на сиромаштијата. Од тоа е посрамно само победа насила и со закана која често успева, ама не секогаш. Тоа убаво го покажаа храбрите жителите на Могила, кои заканата на Груевски со затвор за противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Пивковски, ја наградија со уште поголема изборна победа во вториот круг. Тоа се вика отпор. Могилчани му рекоа „не“ на Груевски. Могила стана Могила на непобедените“, пишува во колумната, Ерол Ризаов.
Колумната можете да ја прочитате ОВДЕ.