Што мислите дали нашиот премиер Никола Груевски знае дека Македонија не може да влезе ниту во НАТО ниту во ЕУ ако за тоа не дадат согласност Грција и Бугарија и сите 28 членки на ЕУ и колку уште згора ги има НАТО, прашува Ерол Ризаов во својата колумна во „Утрински весник“.
Колку и да сме во право, колку и да е вистината, правото и правдата на наша страна за наметнатиот спор од страна на Грција, а еве сега проблематизира и Бугарија, колку и да е голем срамот на големите сили, на ОН и на себичниот свет за неправдата кон Македонија,пишува Ризаов, нема членство без амин на нашите комшии. Може да рипаме до небо од бес, но тоа е реалниот однос на силите.
„Таканаречената антиквизација која прерасна во здравствен проблем и во своевидна патолошка антикоманија го предизвика студениот туш во светот. Над 300 светски научници испратија протест до американскиот претседател Обама во врска со обидите на политиката да се меша во науката, што беше трагично документирано против нас. Македонија сама, веројатно со помош на разузнавачки служби, го внесе грчкиот тројански коњ на скопскиот плоштад и влезе во своевидна античка еуфорија со градење споменици и паметници, преименување улици, автопат и аеродром со присвојување ексклузивно право врз античката историја, која припаѓа на повеќе народи и денешни држави, како што е случај по распадот на сите империи. Заслепеноста од дневната добивка во домашните битки за власт не’ направија смешни пред светот, а ги покрија и огромните загуби на најсиромашниот народ во Европа од оваа налудничава авантура“, пишува Ризаов.
Таа политика на Никола Груевски, вели, и неговите приврзаници доживеа целосен пораз на меѓународната сцена.
Писмото испратено од Никола Груевски до колегата Андонис Самарас, директен учесник во спорот што го наметна Грција во времето на премиерот Мицотакис, колку и да е добар потег, не е одработено како што треба, констатира во колумната. Првиот чекор е во Македонија да заврши лудата и скапа антикоманија. Време е да престанат авантурите кои предизвикаа политички и идентитетски земјотрес. Македонската нација, македонскиот јазик и идентитет се со јасни и длабоки словенски корени што е одамна докажана и потврдена научна вистина. Како што е тоа со Србите, Бугарите, Хрватите, Црногорците и сите јужнословенски народи горди на својот идентитет, јазик и историја. Тука треба да биде појдовната точка за успешни преговори со Грција и добрососедство со Бугарија. Словенскиот карактер на современата македонска нација и јазик е главната основа за заедничкото решение со Грција без загроза на ничиј идентитет и историја. Без тоа да си го признаеме, нема решенија, пишува Ризаов.
Колумната може да ја прочитате ОВДЕ.