Ризаов: Кога ќе падне Груевски

Од:

Ерата на груевизмот ќе заврши и Никола Груевски, конечно, ќе го снема од политичката сцена негде во периодот по отпочнување на преговорите за редовно членство меѓу ЕУ и Македонија, пишува Ерол Ризаов во колумна во Утрински весник.

Дотогаш, ако воопшто некогаш и почнат тие преговори, Груевски ќе владее без демократска контрола и со флагрантно кршење на уставната определба за поделба на власта. Никакви оставки, меѓународни изолации или притисоци, внатрепартиски превирања во ВМРО-ДПМНЕ или нешто слично не можат да го мрднат од место. Груевски ќе продолжи да управува со земјата цврсто потпрен на системот на страховладеење што го инсталирал лично со една мала група приврзаници околу него и со помош на поданичката свест која е навлезена во сите пори на општеството и е најтрагичната оставина на овој режим која ќе остане да вирее како ендемска болест и во наредните векови.

Нема ни оставки, ни некаков срам за најмасовното држење под надзор на илјадници граѓани на земја-кандидатка за влез во Европа. Снимките што ги објавува опозицијата за стравичното злодело против човековите права и слободи ја заплашуваат власта онолку колку што е потребно за да направат нови апсења, да онеправдаат уште повеќе луѓе, да жигосаат уште повеќе граѓани и јавни личности. Пробните балони од Америка дека на некои граѓани ќе им биде оневозможено патувањето во САД, или дека ќе им бидат замрзнати имотот и сметките што ги имаат во Америка, е само уште еден добредојден доказ за бранителите на самостојноста дека големите сили стојат зад заговорот против Македонија. Целата мобилизација на власта за својата пропаганда, за да се неутрализира монструозното следење на сопствените граѓани, всушност, се потпира врз измислен заговор од странски служби, читај од Америка, која во сите кампањски активности на власта за случајот „пуч“, всушност, е најголемиот организатор на државниот удар и смената на власта. Се разбира, Груевски е доволно мудар да не го кажува гласно зборот Америка, туку само странски служби, но затоа пак секоја вечер на трибините низ државата и на владините телевизии неговите поданици ја спасуваат Македонија од Америка и од домашните предавници и странски платеници.

Паничниот страв кај Груевски и власта доаѓа од два правци. Првиот е протестите на студентите и окупацијата на универзитетите навистина да не прераснат во општонародно движење за слобода и демократија. За првпат во историјата на Македонија има автентично силно студентско високосвесно движење кое не е оптоварено со партиски, национални, верски или какви било идеолошки предзнаци. Студентите секој ден се’ повеќе стануваат гордост на Македонија која нагледно ги покажува разликите меѓу родителите и нивните деца. Студентите, новата генерација млади луѓе, го отфрлаат поданичкиот менталитет и револуционерно ги бараат своите права. Списокот со барањата се проширува што предизвикува уплав кај власта која е подготвена да ги прифати сите барања на студентите до границата која не задира во системот на владеење, не бара фер и демократски избори. Се’ друго Владата ќе прифати, освен демократска контрола на своето владеење. Останува да видиме што студентите ќе побараат, освен нов пакет закони за образованието и гарантирана автономија на Универзитетот.

Втората работа од која власта, всушност, има и најголем страв е да не почнат преговорите со Брисел за рамноправно членство на Македонија во ЕУ. За тоа да не се случи, се прават силни напори и опасни чекори против државните интереси на Македонија и нејзините граѓани. Добро знаејќи дека еден од основните предуслови за почеток на преговорите се добрососедските односи, оваа политичка гарнитура на власт ја почна најбесмислената антикоманија со политички стимулираната потрага по пославно античко минато. Преименувањата на аеродромите, на делот на автопатот Е– 75, на градскиот стадион во Скопје, изградбата на монументални споменици само според големината, без некаква уметничка вредност, промената на архитектурата нетипична за ова поднебје, предизвикаа сериозен губитнички судир со европската интелигенција која со повеќевековна традиција во целиот образовен систем се потпира врз темелите на старогрчката култура и хеленизмот. Таква бесмислена политичка провокација на европските темели и култура ја стопи предноста на Македонија на нула, ги загубивме сите големи симпатии кон една мала држава со млада демократија на патот кон Европа. Грчките ултиматуми кои ги осудуваше светот по овие потези на Владата на Груевски пред истиот тој свет станаа оправдани. Светот молкна и покрај тоа што правото и правдата се на наша страна да не биде Македонија спречувана во своите евроатлантски интеграции.

Затоа и големи пари од европските фондови кои ни стојат секоја година на располагање не се користат на штета на сите граѓани, со цел да се прикаже дека Македонија нема капацитет да ги исполни европските предуслови за значајни проекти од добросостојба за граѓаните. Практично, сите поглавја што треба да ги отвори Македонија во преговорите со ЕУ и да ги исполни европските критериуми и правила се, всушност, исти со барањата на критичарите на оваа власт. Пред се’, станува збор за политичкиот пакет: демократија, слободни избори, независни медиуми и судови, владеење на правото и структурни економски реформи се главните предуслови кои стојат на патот кон европското семејство. Без овие предуслови, ЕУ не преговара. Владата на Груевски, при соочување со овие задачи, ќе исчезне од политичката сцена бидејќи за такво нешто немаат минимум демократски капацитет, ни Владата ни премиерот.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска