Некој е многу уплашен од Градскиот парк во Скопје – наместо зајак да не излезе мечка, пишува во колумна за „Утрински весник“, Ерол Ризаов.
Премиерот Никола Груевски ги испрати повторно своите партиски ескадрони да ја опседнуваат Општина Центар и да го каменуваат градоначалникот Андреј Жерновски. Ете како изгледа државата таму каде што е опозиција ВМРО-ДПМНЕ, вели Ризаов.
„Веќе станува јасно во пошироката јавност, а и на црковните великодостоинственици им се просветли, па ги немаше во првите борбени редови, дури изостана и воинствениот дедо владика Агатангел, кој некни јаваше на чело на колоната против новоизбраниот градоначалник. Галиба стаса и до нив вид виделина дека не се испратени таму да ја бранат црквата „Св. Елена и Константин“ од уривање, туку да ги заштитат политичките интереси на партијата на власт и на градежната мафија за сосема други објекти. Никој не мисли, ниту помислил да ја урива веќе речиси изградената црква во центарот на Скопје. Станува збор за проекти кои треба да никнат на скапи локации, а за кои јавноста не знае речиси ништо, јавуваат од Општината опколените советници. Се одмотува ли клопчето како и на кого се делени локациите во центарот на главниот град. Оттаму ли произлегува нервозата за да се фрла со камења на градоначалникот. На некого страшно му се брза да се оневозможат советниците да донесат некои легитимни одлуки“, пишува Ризаов.
Ладнокрвноста и смиреноста на Жерновски, вели, при јавните настапи изгледа многу похристијански од толпата која крева ѓурултија и се заканува во името на Бога, па веројатно тоа предизвикува уште поголем гнев и нервоза во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, кој сакаше да го прикаже ова како спонтан протест на верниците. Повеќедневната медиумска кампања против Жерновски е прочитана работа веројатно затоа и предизвикува зголемување на неговиот углед во јавноста и посебен интерес кај странските дипломати и меѓународни организации и институции.
Во целата оваа мачна ситуација на која кумува власта најсрамна е улогата на полицијата, која не е во функција на заштита на Општината, туку во наемен партиски однос да учествува во создавањето амбиент на страв и некаква чудна опасност за волците од јагнињата.
Притисокот, пишува, не е насочен само кон градоначалникот Жерновски, туку особено е жесток кон членовите на Советот на Општината за кои веќе секој ден се труби дека поминале на страната на ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе ја блокираат работата на градоначалникот. Безмалку јавно се повикува на корупција и врбување на советници од Општина Центар. Некој е многу уплашен да не излезе место зајак, мечка од Градскиот парк во Скопје.
Колумната може да ја прочитате на линкот.