„До јуни не е толку важно кој ќе биде наследник на Црвенковски, туку дали Груевски може да биде Дачиќ“, пишува Ерол Ризаов во својата колумна во „Утрински весник“.
Главна тема, пишува, не е заминувањето на Бранко Црвенковски од политиката, како што се прави обид да се отргне вниманието на јавноста. Крупниот историски настан оваа пролет во регионот е она што го зборува и прави премиерот Ивица Дачиќ и државниот врв на Србија, а го премолчува премиерот Никола Груевски за Македонија.
„Кога ќе престане нашиот државен врв да го лаже народот, пријателите и непријателите со изговори дека за сите наши несреќи други се виновни. Кога ние ќе престанеме да наоѓаме оправдување за она што треба да го направиме сами, а не го правиме. Кога ќе почне спуштањето на Македонија на земја, кога ќе престанеме да се криеме зад името на државата и лажниот патриотизам. Кога ќе престанеме да присвојуваме туѓо минато, за да си ја уништиме иднината.
– И без антиката имаме премногу историја по глава на жител од кои мнозинството не знаат како им се вика прадедото.Знам дека сега загарите на власта ќе ми се с’снат дека Македонија и Србија, Косово и Грција не се исто и дека не можат да се прават паралели. Нашата несреќа била поголема од нивната и нерешлива. Така е, не се исти Србија и Македонија. Косово е изгубена српска територија голема речиси колку Македонија, а референцата БЈР, Северна, или Горна е добро оправдување да не се направи ништо за својот народ. Косово е помала загуба за Србија, отколку додавката „Северна“ за Македонија само како оправдување да не се испорача тоа што го чека Брисел од нас заради нас. Драги мои, до јуни не е толку важно кој ќе биде наследник на Црвенковски, туку дали Груевски може да биде Дачиќ“, пишува Ризаов.
Целата колумна можете да ја прочитате ОВДЕ.