Според доказниот метеријал кој го поседува СЈО, нема жолти комбиња, ниту странски служби. Утврдено е само дека се вршело неовластено следење на комуникациите од страна на УБК, односно без судски наредби.
Она што како бројка го спомна Фатиме Фетаи е најмалку колкав број телефонски броеви биле следени.
Најмалку значи дека овој број, со сигурност е поголем надвор од судските наредби, ние успеавме да набавиме податоци кои броеви биле таргети. 5817 броеви се најмалку следени без да биде издадена судска наредба, рече обвинителката Ленче Ристоска.
Таа повтори дека нема да бидат предложени мерки за претпазливост за осомничените од УБ, од причина дека не е целисходно во моментов.
За обвинувањата од Зврлевски дека СЈО не е уставно, таа одговори дека секоја институција изгласана во Собранието која се бори за заштита на законите во Република Македонија не може да биде неуставна.
Во однос на забележките од одредени кругови дека сегашната истрага е во функција на изборите Ристоска рече:
– Неколку пати сме повториле дека не работиме по нарачки туку по докази, и кога ќе ги набавиме предистражната постапка преоѓа во истрага. Не влијаеме во изборниот процес. Според податоците кои ги прибавивме, до оваа недела кога ги имавме финалните податоци од анализата и податоците од телекомуникациските оператори, тие податоци требаше да се анализираат, токму заради тоа што се работи за истрага за која имаше потешкотии, и сосема случајно се погоди пред предизборната кампања. Нашата работа не е да влијаеме на изборниот процес, секој граѓанин треба да се изјасни според своите уверувања, а нашите истраги се само кога имаме податоци, рече Ристоска.
Таа најави дека со судска наредба ќе се влегува во просториите на еден телекомуникациски оператор кој одбивал соработка, и од каде кажале дека не поседуваат податоци кои ги барало СЈО.
Во однос на инцидентот на улицата „Салвадор Аљенде“ кога беше приведен истражител на СЈО, Ристоска посочи дека се работи за предистражна постапка за која не може засега да се даваат податоци. Таа кажа и дека СЈО испитува дали биле неовластено следени и интернет комуникациите во Македонија.