Професорскиот пленум соопштува дека Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, до вчера не одговорил на нивниот јавен повик и на апелот од Студентскиот пленум и на организацијата „Мугра“, како и на барањето на сенаторите за свикување вонредна седница на Сенатот на Универзитетот.
– Со тоа не само што не го одржа јавно искажаниот збор, туку по втор пат го прекрши Статутот на УКИМ, велат од Професорскиот пленум
„Како ваши колеги сериозно сме загрижени како понатаму ќе ја заштитуваме автономијата на високото образование, дигнитетот на академската заедница и како ќе го зголемуваме квалитетот на високото образование за да се доближиме до светските универзитети каде транспарентноста, законитоста на работењето, слободата на говор, слободната мисла и отворената аргументирана дискусија се главни приоритети.
Оттаму, почитувани сенатори и сенаторки, како членови на највисокото законодавно тело на нашиот универзитет – Сенатот, ве повикуваме на редовната седница што ќе се одржи на 28.01.2016, да инсистирате на закажување вонредна седница со посочените точки на Дневен ред, како и ако сметате дека е потребно да побарате одговорност од ректорот Стојковски поради прекршувањето на Статутот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’“, се наведува во писмото од Професорски пленум упатено до сенаторите., на кое се потпишале 60- тина професори.
На 24 декември Професорскиот пленум, достави барање за свикување итна и јавна вонредна седница на Сенатот на Универзитетот, и бараше да се одржи најрано на 08.01, а најдоцна на 15.01.2016 година, со следните точки на дневен ред: Дали имало и кој ја издал дозволата за сечење дрвја во паркот на Универзитетот, во доцните ноќни часови, дали имало официјален повик, кој го издал и заради што го издал повикот специјалната полиција да влезе на територијата на Универзитетот, во понеделникот на 14.12.2015 година, информација за процедурата и правната основа за започнатите градежни активности во рамките на Кампусот за општествено-хуманистички науки.