Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ побарал мислење од факултетите и студентите за тоа дали партиципацијата која во моментов ја плаќаат е оправдана или треба да претрпе одредени корекции, откри МОН во демантот испратен до медиумите во кој се тврди дека износите на школарината остануваат идентични како и досега.
„Министерството за образование и наука реагира на натписите во дел од медиумите во кои се посочува дека на иницијатива на министерството и Владата, двојно ќе се зголемува партиципацијата за студирање на државните високообразовни установи на сите три циклуси на студии. Се работи за невистинита информација и затоа апелираме студентите да бидат спокојни, бидејќи и натаму ќе ги плаќаат истите износи за државната и за квотата со кофинансирање кои важат во моментов.
Во комуникација со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добивме информација дека ректоратот побарал мислење од факултетите и единиците во состав, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции. Но, тоа е интерно инициран процес.
Министерството за образование и наука го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани. Износите на партиципација остануваат идентични како и досега“, се вели во соопшението на МОН.
Претходно „А1он“ објави дека студентското собрание на Филозофски факултет при УКИМ закажало втора редовна седница на 1 февруари на која ќе се дискутира токму за предлогот за покачување на партиципацијата која ја плаќаат студентите.
Неофицијално се размислува за двојно покачување на партиципацијата за додипломски, постдипломски и докторски студии за сите студенти, не само за оние кои ќе се запишат во учебната 2024/2025. Најавите се дека цената на одредени факултети ќе биде 200 евра за семестар во државна квота на додипломски студии наместо досегашните 100 евра, додека во приватна квота цената ќе биде 400 евра наместо досегашните 200 евра.
Според Законот за високо образование, партиципацијата е износ кој го определува Владата кој се наплатува од студентите запишани на јавна високообразовна установа чие образование се финансира од Буџетот на Македонија.