Регионална средба во пресрет на акцијата за чистење отпад

Од:

Преставници од шестте општини на североисточниот регион во координација со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и од асоцијацијата „Ајде Македонија“ денеска одржаа регионална средба во пресрет на годинашнава акција за чистење на отпадот која, според најавите, треба да се оддржи на 5-ти октомври, оваа година.

– Целта на денешнава средба е да ги информираме надлежните субјекти како што се претставници на одделенијата за животна средина,образование,комуналните инспектори, но и припадниците на АРМ, на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и останати заинтересирани чинители за начинот на кој ќе се спроведе оваа акција, вели координаторот на проектот Антонио Ивановски.

Акцијата, според информациите на надлежните, ќе се реализира во три категории и тоа чистење на отпадот,едукација и промоција.

– Освен конкретно чистење на отпадот на одредена локација, значајна за секоја општина поединечно, акцијата е насочена и кон едукација на граѓаните преку презентации, дебати и дискусии, како и промоција на преземените активности, објаснува Ивановски.

Секоја од општините, институциите, како и вклучените здруженија, треба да подготви презентација на спроведените активности. Регионалниот координатор за североисточниот регион, Марко Панковски објаснува дека граѓаните и локалните субјекти треба да дадат предлози која локација треба да се исчисти за одредена општина.

Акцијата, има за цел и да се развие свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот и развој на механизми за поддршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро справување со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници.

– Граѓаните може да се јават на бесплатниот телефонски број 195 и да не информираат за евентуално недозволено фрлање на отпад, така што ние ќе посредуваме со надлежните субјекти кои потоа ќе преземат соодветни мерки, потенцира Ѓоко Стефановски од Регионалниот центар за управување со кризи.

Минатата година, како што соопштија надлежните, во акцијата за чистење на отпадот учествувале 54 општини, а се вклучиле 252 основни и 64 средни училишта. Околу 55.000 граѓани успеале да исчистат над шеесет илјади кубни метри отпад.

Би можело да ве интересира

Реакција на Општина Ѓорче Петров: Арсовска да не раскажува ловечки приказни, нека сработи нешто

Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, општината била клиент, следуваат кривични пријави

Александар Тодески

Засадени 50.000 дрвја во Велешко, за две години 90.000 со акцијата за пошумување „Сончева Гора“

Откриен опасен отпад во близина на скопското село Орман

ЈП Дрисла: Градоначалниците на Кисела Вода и на Аеродром немаат договор со депонијата, каде го фрлале сметот досега?

Орце Костов

Полицијата на отпад најде нецаринети возила со странско потекло