Државата ќе исплати судски трошоци 589.680 денари или 9,5 илјади евра за бранителите на експремиерот Никола Груевски на кого му застаре делото за случајот „Траекторија“. До оваа пресметка дошла „Коалицијата за правично судење“, врз основа на податоци од мониторирани рочишта за главна расправа.
Од декември 2017 до декември 2018 Груевски имал бранител по сопствен избор, а потоа, до ноември годинава, му бил назначен адвокат по службена дејност. Во текот на постапката биле одржани 36 рочишта.
Минатата недела Кривичниот суд констатираше апсолутна застареност за делото на Груевски, односно за злоупотребите при изградбата на автопатите Штип-Миладиновци и Кичево -Охрид во случајот „Траекторија“.
Ова следува откако адвокатот кој по службена должност му беше oдреден на Груевски, неодамна доставил до судот барање да се констатира застареност на случајот со оглед на тоа што се истечени шест години од времето кога е сторено делото според обвинението на СЈО, а правосилна пресуда немаше.
Во овој случај Груевски беше обвинет за делото „Примање награда за противзаконито влијание“ од чл.359 ст.2 од КЗ, за што е предвидена затворска казна од една до три години, поради што пак застарува за шест години, сметано од 2013 година.