Нова реафирмација за Северна Македонија и Договорот од Преспа, кои беа една од темите на вчерашниот неформален самит за Западен Балкан под водство на Ангела Меркел и Емануел Макрон, на кој присуствуваше владина делегација од нашата земја предводена од премиерот Зоран Заев.
Состанокот не беше посветен на процесот на проширување, туку на регионалната соработка и поддршката за решавање на бројните билатерални спорови во регионот.
-Фокусот не е на проширувањето, туку на политика на стабилност во регионот. Треба да работиме заедно за да придонесеме за стабилноста, тоа за Франција значи стратегија за повторно ангажирање во регионот, рече францускиот претседател.
Во контекст на надминувањето на споровите, Меркел и Макрон го посочија македонско-грчкиот пример и Преспанскиот договор како доказ дека со политичка волја е можно да се надминат споровите.
-Видовме храбри чекори за спорот за името на Северна Македонија, ова е доказ дека е можно да се најде решение за долгогодишни спорови, рече Меркел и ги поздрави грчкиот и македонскиот премиер, но и Бојко Борисов.
Макрон од своја страна, порача дека последните месеци покажаа дека напредок е можен дваесет години по војните во регионот.
-Го видовме тоа со Преспанскиот договор дека може да се решат спорови кои се чинеле нерешливи кога има посветеност, рече Макрон, кој исто така ги поздрави тројцата премиери.
Претходно премиерот Заев оствари средба со канцеларката Меркел на која главна тема на дискусијата биле токму придобивките од Договорот од Преспа за стабилноста, соработката и мирот во регионот.
-Северна Македонија и Договорот од Преспа се позитивен пример на Балканот и тој успех е охрабрување за сите земји учеснички на Конференцијата за Западен Балкан, заеднички констатирале Заев и канцеларката Меркел при тоа двајцата ја истакнале важноста на економските придобивки што ги носи билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Грција и потенцирале дека ваквите соработки треба да се интензивираат низ целиот регион.
Премиерот Заев, според соопштението од владината прес-служба, на средбата со Меркел нагласил дека соработката, пријателството и реформите што ги спроведува земјата се сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на ЕУ за почеток на преговорите во текот на летото.
Заев на маргините на конференцијата имаше средба и со потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, на која двајцата се согласиле дека за стабилноста на регионот и особено за придобивките на граѓаните на Северна Македонија и на Грција после Договорот од Преспа, неопходно е земјата да биде поддржана и да продолжи уште побрзо на патот кон очекуваната европска интеграција. Според Могерини, самитот во Берлин меѓу другото, има цел да ги слави придобивките за регионот од Договорот.
На средбата на која присуствувала владината делегација предводена од премиерот Заев во чиј состав беа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, бил поздравен и успешниот прв круг од демократски спроведените претседателски избори и изразени уверувања дека постојат услови и за успешност на вториот круг и за исполнување на потребниот цензус.
Инаку, една од главните точки на конференцијата во Берлин беа односите помеѓу Србија и Косово. Меркел изрази надеж дека неформалниот самит ќе помогне за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина и дека ќе поттикне регионот да се „развива заедно“.
На конференцијата за Западен Балкан во Берлин присуствуваа лидерите од регионот. Покрај премиерот Заев, дел од самито беа и Еди Рама од Албанија, Денис Звиздиќ од БиХ, Хашим Тачи од Косово, Мило Ѓукановиќ од Црна Гора и Александар Вучиќ од Србија. На средбата беа поканети и премиерите на Словенија и Хрватска, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ.