Секако дека стндардот на граѓаните во една држава е во директна пропорција со развиеноста на една национална економија. И ако е тоа така, тогаш каква економија имаме ние? Дали воопшто може да се зборува за некаква организирана, успешна и перспективна економија.
Дали на нашата економија се гледа како на нешто изолирано, или таа е составен дел на регионалната, континентална и светска економија? Кои се задачи и во кој правец оди? Се се тоа прашања чии одговори можат да ни ја разоткријат реалната состојба во денешната наша национална економија.
Одиме со ред. Ако во наше Министерство за економија најважна функција имаат инспекциските служби, е тогаш е јасно за каква економија се работи. Ако главната цел на тоа ресорно Министерство за економија е казнување и дисциплинирање на стопанските субјекти заради полнење државна каса и покажување кој е „газда во куќата“, со сигурност дека сме на погрешен пат од оној кој треба да не доведе до развиена, перспективна и компаративно определена економија.
Тоа министерство треба да создава амбиент за успешно работење на домашните стопанските субјекти во државата, кои ќе се потпираат воглавно на нашите компаративни предности користејки ги притоа домашните материјални и кадровски расурси, како и поволни странски кредитно-финасиски линии.
Во правец на создавање на поволен амбиент за инвестиционо заживување на една национална економија секако големо влијание имаат сигурност, стабилноста и перспективноста на државата, законските регулативи, кредитниот потенцијал на државата, меѓународните оценки за сигурност и безбедност при инвестиционите вложувања, кредитната и каматната политика на Централната банка, како и стратешките политички определби на актуелната власт.
Во тој правец можам да констатирам дека стоиме многу лошо. Нашата држава повеќе од дваесет години е со меѓународен спор за името, заради што уште не сме членка на НАТО, со што би ја затвориле приказната за евентуалана можност за менување на граници како еден од клучните фактори на стабилност на една држава на основа кој се донесува одлука за инвестирање во дадената економија.
Талкање по светот во име на барање инвеститори (читај – нудење евтина работна сила и даночни ослеснувања за странските инвеститори) претставува стратешкото промашување во концептот на нашата определба – што всушност сакаме? Сакаме ли на запад, ЕУ и останатиот развиен свет, сакаме ли на исток, Кина, Индија и останатите економски чуда од овие региони, сакаме ли кон Јужна и Средна Америка и тамошните економски чуда, Бразил и Мексико? Мораме како мала држава да имаме јасен правец на движење.
Развој на производство и услуги, без сопствена енергетска база е рамно на целосно промашување. Држава која има огромен потенцијал за сопствено производство на електрична енергија и тоа од обновливите ресурси, а е зависник од увозот, покажува несериозност кон сопствените граѓани, а камо ли кон потенцијалните инвеститори.
Инфраструктурните капитални објекти се основа за привлекување на странските инвестиции (капитални инвестиции во патната мража, железница, пловни канали,енергетски потенцијали, вештачки акумулации и друго а не споменици и барокни фасади). Кога тие што не водат ќе разберат нешто од оваа, тогаш можеби и ќе тргнеме во вистинска насока.
За жал засега можам да констатирам дека сме држава со Министерство за економија но без економија, (или како што пишав во насловот-раз Б иена економија, контолирана од партиски моќници за свои потреби) без видни шанси нешто да тргне на подобро. Претпоставувам дека една ваква раз Б иена економија е предуслов за успешно тоталитарно владеење на сегашната власт, и сигурно дека немаат ниту намера ниту план нешто да менуваат во тој правец. Тоа значи дека уште долги години Македонија ќе се соочува со голема сиромаштија и невработеноста, а надеж дека нешто сепак ќе се смени останува во ОТПОР. Ова е мое видување, размислете сми, дајте предлог како да излеземе од оваа перфидно контролирана ситуација, контролирана од апсолутисти кои си создадоа своја империја. Храбро народе, дајте предлози, заедно сме и попаметни и посилни. Мора да веруваме дека ќе излеземе од оваа ситуација како победници.
Вреди да веруваме во крајот на оваа лудило наречено тоталитаризам од еден центар на моќ,но мора да знаеме дека оваа своја верба можеме да ја оствариме единствено со наше целосно организирање во ОТПОР кој ќе резултира со смена на оваа власт.
Мирослав Трлин, член на ЦО на НСДП