Вработените против одлуката за Сашо Точков: Разрешете не и нас!

Од:

„Веќе втор ден сме во жалост. Веројатно никој не е свесен што ни се направи со разрешувањето на Сашо Точков од функцијата Директор на Центар за јавно здравје Охрид“ – вака почнува писмото до јавноста „за поддршка на Сашо Точков“ со кое дел од вработените во медицинската установа реагираат на, според нив, ненадејната и неоправдана одлука на Министерството за здравство да го разреши досегашниот прв човек на Центарот.

Точков, кој е специјалист по санитарна хемија и броматологија, исто така со години раководи со општинската организација на Црвениот крст во Охрид. Тој дојде на чело на локалниот ЦЗЈ во 2017 година како в.д. директор, а минатата година и официјално беше поставен за раководител.

„Овој текст го пишуваме со преголема тага, гнев и револт, но со многу љубов и огромна поддршка за човекот кој цел свој работен век, а посебно изминативе неколку години на позиција на директор даваше огромен дел од себе и придонесуваше кон здравството на локално но и на национално ниво. Со овој чин, во нас се скрши се во што ние верувавме, згасна нашиот ентузијазам, вербата во подобро утре. Пред себе имавме лидер со една цел: Охрид да биде подобро место за живеење, а денес Охрид е во тага!,“ се вели во емотивното писмо испратено до медиумите.

„Како менаџер и лидер: никогаш не сме имале некој како него без штедење и без срам да учествува во секој процес и да помага на секоја позиција и на секој вработен. Повеќето сме преку 20 години вработени во Центар за јавно здравје Охрид и сме имале многу директори, но ваков препород како последните три години Центар за јавно здравје не доживеал,“ велат во реакцијата непотпишаните колеги на досегашниот директор, кои нагласуваат дека текстот е “емотивен исказ на вработените и не е поврзан со ниту една политичка формација, групација или било каква организација“.

Во писмото се вели и дека во време кога Центарот е во првите редови на борбата против коронавирусот во Охрид, неочекуваната промена на раководната позиција може да ги наруши „позитивниот амбиент во установата, сложноста и ентузијазмот на вработените,“ според кои ЦЈЗ се издвојувал меѓу здравствените установи во Охрид и пошироко.

„Денес Сашо Точков не е веќе директор на Центарот за јавно здравје Охрид. Неговата загуба е минимална. Оние што губат сме ние, неговите вработени. Губи Охрид! Губи секој охриѓанец кој верува дека вистинскиот пат е патот на трудот и чесноста! Губат нашите деца на кои им испраќаме порака дека секогаш победува подмолноста и интригата. Губат сите наредни генерации кои треба да учат од примерите на нивните предци. Ова не е пример за како треба, туку пример за како не треба! Верувам дека многумина од Вас ќе се сложат и остро ќе го осудат овој чин. Бидете дел од решението, а не од проблемот! И ние сме Сашо Точков! Разрешете не!“, велат дел од вработените во ЦЈЗ Охрид во писмото до јавноста.

Би можело да ве интересира

Љутков: Во наредниот период Охрид ќе стане центар со 365 денови културен туризам

A1on

Езерската полиција спасила две малолетни лица во водите на Охридското Езеро

Предраг Петровиќ

Охридското крајбрежје заробено од непознати изведувачи – Левица со барање за инспекциски надзор

Земјотрес со интензитет од 3,2 степени според Рихтер реистриран во подрачјето на Охрид

Спасено лице од Англија што паднало во Охридското езеро

Предраг Петровиќ

Кај Елшани спасен холандски турист со скршена нога