„Веќе втор ден сме во жалост. Веројатно никој не е свесен што ни се направи со разрешувањето на Сашо Точков од функцијата Директор на Центар за јавно здравје Охрид“ – вака почнува писмото до јавноста „за поддршка на Сашо Точков“ со кое дел од вработените во медицинската установа реагираат на, според нив, ненадејната и неоправдана одлука на Министерството за здравство да го разреши досегашниот прв човек на Центарот.
Точков, кој е специјалист по санитарна хемија и броматологија, исто така со години раководи со општинската организација на Црвениот крст во Охрид. Тој дојде на чело на локалниот ЦЗЈ во 2017 година како в.д. директор, а минатата година и официјално беше поставен за раководител.
„Овој текст го пишуваме со преголема тага, гнев и револт, но со многу љубов и огромна поддршка за човекот кој цел свој работен век, а посебно изминативе неколку години на позиција на директор даваше огромен дел од себе и придонесуваше кон здравството на локално но и на национално ниво. Со овој чин, во нас се скрши се во што ние верувавме, згасна нашиот ентузијазам, вербата во подобро утре. Пред себе имавме лидер со една цел: Охрид да биде подобро место за живеење, а денес Охрид е во тага!,“ се вели во емотивното писмо испратено до медиумите.
„Како менаџер и лидер: никогаш не сме имале некој како него без штедење и без срам да учествува во секој процес и да помага на секоја позиција и на секој вработен. Повеќето сме преку 20 години вработени во Центар за јавно здравје Охрид и сме имале многу директори, но ваков препород како последните три години Центар за јавно здравје не доживеал,“ велат во реакцијата непотпишаните колеги на досегашниот директор, кои нагласуваат дека текстот е “емотивен исказ на вработените и не е поврзан со ниту една политичка формација, групација или било каква организација“.
Во писмото се вели и дека во време кога Центарот е во првите редови на борбата против коронавирусот во Охрид, неочекуваната промена на раководната позиција може да ги наруши „позитивниот амбиент во установата, сложноста и ентузијазмот на вработените,“ според кои ЦЈЗ се издвојувал меѓу здравствените установи во Охрид и пошироко.
„Денес Сашо Точков не е веќе директор на Центарот за јавно здравје Охрид. Неговата загуба е минимална. Оние што губат сме ние, неговите вработени. Губи Охрид! Губи секој охриѓанец кој верува дека вистинскиот пат е патот на трудот и чесноста! Губат нашите деца на кои им испраќаме порака дека секогаш победува подмолноста и интригата. Губат сите наредни генерации кои треба да учат од примерите на нивните предци. Ова не е пример за како треба, туку пример за како не треба! Верувам дека многумина од Вас ќе се сложат и остро ќе го осудат овој чин. Бидете дел од решението, а не од проблемот! И ние сме Сашо Точков! Разрешете не!“, велат дел од вработените во ЦЈЗ Охрид во писмото до јавноста.