Рашковски купил систем за биометрија за Владата, иако бил известен дека е забранет за користење, тврди сведок

Од:

Ексгенералниот секретар Драги Рашковски купил систем за биометриска идентификација (пр. со отпечаток од прст) за Генералниот секретаријат, иако имал укажување дека според Законот за заштита на личните податоци обработката на биометриски податоци се дозволува само во исклучителни ситуации. Ова го посведочи ексдиректорот на Дирекцијата за заштита на дирекцијата за заштита на лични податоци, Горан Трајковски. Уште кога Рашковски го набавувал софтверот добил известување во кое било посочено да внимава на овој закон. Евидентирање на работно време на вработени со биометрија има само во одредени случаи.

„Согласно со Законот за заштита на личните податоци во тој период, домашната практика, сите искуства од меѓународно ниво, општ став е дека за биометријата постојат најригорозни ограничувања и се дозволува во исклучителни ситуации,  за одредени патогени од јавното здравје и други дејности каде што може да дојде до масовно загрозување на јавното здравје. Во такви случаи може да се даде одобрение за употреба на биометрија“, додаде ексдиректорот Трајковски.

Прашан од обвинителката Ивана Трајкова дали Рашковски смеел да евидентира време со биометриски податок, Трајковски рече: „Во ниту еден субјект кој е работодавец не може со биометрија да се врши евиденција на работно време. Ниту во Генералниот секретаријат, ниту во Македонија, ниту  каде било во светот“.

Тој додаде дека известување било испратено уште во моментот кога се набавувал системот.

„Во редовните активности на Дирекцијата со цел превентивно дејствување во делот на заштита на личните податоци, службите редовно ги следат сите јавни огласи и во сите каде што има акцент на лични податоци, во рамки на своите надлежности, Агенцијата дава известување во кое навестува дека органот треба да води сметка на одредбите од Законот за заштита на лични податоци, со цел, ако дојде до реализација на јавната набавка, да не дојде во колизија со Законот за заштита на личните податоци“, додаде Трајковски.

Рашковски, пак, му замери на Трајковски. Кажа дека тој не е експерт за да зборува за заштита на лични податоци. Тој пред судот предочил лично мислење, смета обвинетиот.

„Не сте експерт за заштита на личните податоци, судот треба да бара експертско мислење“, кажа Рашковски.

Потоа цитираше членови од закони за да го убеди Трајковски дека греши. Посочуваше дека законите дозволуваат обработка на лични податоци.

„Не би го коментирал Законот од 2020, не сум бил во областа на заштитата на лични податоци во тој период, ниту тогаш сум бил  на функција, тоа не е периодот за кој сум повикан“, кажа Трајковски.

Рашковски го обвини Трајковски дека лаже кога вели дека во светот не се евидентира работно време со биометриски податоци.

„Лага е, ќе кажам дека лажете. Лажете дека никаде во свет биометриски податоци не се обработуваат поради евидентирање на работно време“, кажа Рашковски и праша дали останува на истиот став.

Трајковски одговори: „На сите меѓународни настани на тема биометрија потенцирано е во кои случаи се прават исклучоци. Доколку станува збор за лабораторија со вируси – да. Доколку некој работи во администрација – сигурно не му се обработуваат биометриски податоци“.

Рашковски реагираше дека ниту Обвинителството не знае дали системот ќе се користи за евидентирање на работно време.

„Со давањето  лични ставови судењето ќе стане дебатна емисија, од која не смеат да произлезат судски одлуки. Ова е направено за да излегуваат наслови во портали. Како процес, никаде не е наведено за што  ќе се користи овој систем, а сега гледаме претумбување, гледаме дека е систем кој ќе се користи за работно време, а Русковска зборуваше за систем за издавање  лични карти, пасоши… Обвинителството не е запознаено за што ќе се користи. Прашањето дали може да се користи за работно време е непоткрепено“, кажа Рашковски.

Би можело да ве интересира

Укинат куќниот притвор за Драги Рашковски

Катерина Ѓуровски

Рашковски доби куќен притвор и забрана да комуницира со тројца од обвинетите во „Софтвери“

Осуден во „Софтвери“ ја запроси девојката во судница: „Прекрасен момент, нека ви е со среќа“, им честиташе судијката

Орце Костов

Осум години затвор за перење пари, местење тендери за Рашковски – Пресуда за „Софтвери“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Одбраната на Рашковски побара ослободителна пресуда за случајот „Софтвери“