Во Клубот на пратеници денес се одржа консултативна работна средба помеѓу претставници од Министерството за информатичко општество и администрација и граѓански организации и експерти, претставници од меѓународната заедница, синдикати и медиуми за демократски реформи во јавната администрација. На средбата, покрај министерот Дамјан Манчевски, воведно обраќање имаше и генералниот секретар на Владата на РМ, Драги Рашковски.
Средбата претставуваше најава за отворање на сеопфатен, инклузивен дијалог и соработка помеѓу министерството и граѓанското општество во однос на приоритетите и планот за реформи во јавната администрација.
Министерот Манчевски ги презентираше клучните приоритети и мерки на Владата, во однос на реформите на јавната администрација, нацрт Стратегијата за реформа на јавната администрација како и моменталната состојба во институциите и неопходноста за делување со цел обезбедување овоможувжачка околина за реализација на приоритетни активности од јавен интерес.
Беше потенцирано дека за демократските промени во сите општествени сфери на живеење во Република Македонија од клучна важност е граѓанскиот сектор, но и сите други релевантни чинители да бидат вклучени во процесот на креирање, мониторинг и евалуација на реформски приоритети. Оттаму, министерот Манчевски најави воспоставување на Консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети во рамките на министерството кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и граѓанското општество а се со цел обезбедување навремено, инклузивно и предвидливо воведување и имплементирање на планираните активности на министерството.
Присутните упатија конструктивни прашања и дадоа препораки до министерот Манчевски, но и ја изразија нивната подготвеност за понатамошна соработка.